Владата не презема ништо против Тозија – Антикорупциска ќе чека 60 дена, за судир на интереси нема прекршок

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Комисијата за спречување корупција, јавно пред медиуми извести дека бара одговорност од директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, бидејќи постапил незаконски кога во март исплаќал филмски проекти од претходниот конкурс. Но, иако барањето за одговорност или разрешување на директорот, Антикорупциска го најави в четврток, од Владата, за ТВ21 велат дека до нив не пристигнало такво барање.  

„До Владата на Република Северна Македонија не е пристигнато барање од Државната комисија за спречување на корупција по прашањето. Доколку пристигне и се разгледа на некоја од седниците на Влада, јавноста навремено ќе биде известена“, посочуваат од Владата за ТВ21.

Го прашавме Владимир Георгиев, член на Антикорупциска – дали барањето го изнесоа само јавно пред медиуми или и во писмена форма. Тој одговори дека во петокот испратиле и писмено барање.

Барањето за разрешување се однесува на претходниот конкурс, а поплаки имаше и за судир на интереси при именување на членовите на Советот.

Но, постапката за судир на интереси ќе се стопира, бидејќи Инспекцискиот надзор на Министерството за култура утврдил дека нема прекршок од страна на директорот Тозија. 

„Со ова утврдување на Инспекцискиот надзор се докажува исправноста на работата на Агенцијата за Филм, како и за работата на нејзиниот директор Горјан Тозија, а од друга страна се става под сомнеж целиот обид од страна на институциите за дискредитирање на неговата работа по барањето од страна на Милчо Манчевски до Министерството за Култура и ДКСК“, велат од Агенцијата за филм.

Инспекторатот заклучил дека нема повреда на Членот 54 од Законот за филмска дејност, односно не е утврдено учеството на членовите на Филмскиот совет, Бранко Петровски и Ана Василевска на конкурсите на Агенцијата за филм со свои проекти. Истовремено известија дека со ова завршува и постапката на Антикорупциска и дека ќе ѝ биде доставен примерок од записникот. ТВ21 испрати прашање до Влада во врска со реакциите за новиот конкурс, но до ова информативно издание не добивме одговор.