Владата не се премислува – „има исплашени од распуштање на советите, но доаѓа време на промени“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема промени во намерата на власта да се распушти актуелниот состав на Судскиот совет. Од Владата, по пишувањата на дел од медиумите дека тие се повлекле од ветувањето, соопштија дека сепак остануваат на ваквата идеја.

„Владата не се откажува од идејата за распуштање на Републичкиот судски совет и Советот на обвинители што претставува реформа на овие институции за кои јавно повикавме на расправа и ќе потсетиме дека имаат под два процента доверба“, вели Владата.

Од Владата додаваат дека со нераспуштањето на Советите ќе продолжела агонијата и судиите и обвинителите кои се послушни на власта по истиот принцип како од минатото ќе биле заменети со други.

„Разбираме дека од распуштањето на овие институции има многумина исплашени и загрижени, но доаѓа време на промени и шанса за професионалните и способни кадри“, велат од ВЛада.

Претходно, дел од амбасадорите го критикуваа ова предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ. Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека Брисел ќе биде сериозно загрижен поради мешање на извршната во судската власт. Гир, но и амбасадорката на САД Анџела Агелер порачаа дека патоказ за реформи во Судскиот совет се препораките од Оценската мисија на ЕУ, кои ги изготвија европските експерти што престојуваа во земјава.

Неодамна, од опозициската СДСМ, говорејќи за реформите во правосудството, повикаа да се имплементираат овие препораки.

„Новата Влада да ги објави 40-те препораки и да направи план за нивно спроведување во најбрз можен рок со поддршка од сите политички партии. Што се однесува до реформите во правосудството, СДСМ како што веќе неколку пати повтори, ќе даде поддршка за реформи во правосудството кои ќе бидат поддржани и мониторирани од меѓународната заедница и никако поинаку“, велат од СДСМ.

На последниот брифинг со новинарите, новиот министер за правда Игор Филков не одговори конкретно каков е неговиот план со препораките на европските експерти и рече дека ќе свика широка дебата за реформите во Судскиот совет.