Владика Петар: Умреле луѓе што не се причестиле – „Го обесчестивте трудот на белите мантили“, вели д-р Беќаровски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Доктор Нико Беќаровски од Универзитетската Клиника за токсикологија на својот Фејсбук профил пишува дека сите оние кои вчера со едно исто лажиче и без маски по храмовите се причестиле, го обесчестиле десетмесечниот деноноќен труд на белите мантили.

„Сите Вие кои вчера со едно исто лажиче и без маски по храмовите се причестивте, десетмесечниот деноноќен труд на белите мантили го обесчестивте.Кога на 19 јануари ќе Ви требаат белите мантили, а не црните мантии, ние ќе се “бањаме” за да симнеме дел од потта под скафандерите и талкот под ноктите. П.С. Отворете ги кафеаните, таму барем даваат едно лажиче за еден гостин“, посочува Беќаровски.

Владиката Петар за „А1он“ реагира дека досега немало ниту еден случај во кој верник се заразил или починал од причеста, а како што вели, умреле луѓе што не се причестиле и што не се излекувале.

„Тоа се глупости на луѓето што не знаат ништо за верата. Кога велат дека треба да се причествуваат луѓето со повеќе лажички, тоа се свети тајни, тоа е Христос, неговото тело и крвта, Христос е лекарот над сите лекари, тој не заразува, тој лекува. И тука немало досега ниту еден случај некој да се разболел или да умрел од причеста. А умреле луѓе што не се причестиле и што не се излекувале. Тоа се само приказни на неверниците, на атеистите, без оглед дали се луѓе само од црквата. Овие реакции се неоправдани затоа што ние повикавме како црква и се придржуваме на тоа во најголема мера, но вие знаете дека не можете до крај луѓето да ги натерате да бидат исполнителни, па дури и во семејството. Во најтесното семејство не можете конечен ред да ставите, а камоли во поширокото семејство, во заедницата и така натаму“, потенцира владиката Петар за „А1он“.