Владо Бучковски на средби во Софија, се уште се договара агендата со кого ќе се сретне и ќе разговара

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Владо Бучковски заминува за Софија во прва средба како специјален претставник и веќе идната недела ќе има средби и разговори со официјални лица на Бугарија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека неговите разговори ќе се водат според утврдената рамка со Договорот за добрососедство за кои веќе и Османи и Заев преговарале. Засега се уште не е познато со кого ќе се сретне и на кое ниво, бидејќи се уште се договара со Софија.

„Јас се надевам дека господинот Бучковски ќе биде примен во Република Бугарија на највисоко можно ниво за да може да разговараме отворено за можностите за надминување на разликите уште сега за да пристапиме кон одржување на првата Меѓувладина конференција. Се уште го правиме аранжманот бидејќи реков дека господинот Бучковски ќе работи под инструкции и во рамки на Министерството за надворешни работи и Владата.“, рече Османи.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека евентуалното вето на Бугарија нема да ја наруши безбедносната состојба. Ние како Влада правиме напори за на принципиелна основа да постигнеме компромис на отворените прашања, секако дека секој има право и можност како ќе постапува во тој дел, рече Спасовски.

„Можеме да разговараме за сите други прашања што претставуваат некаков интерес, меѓутоа не и за прашањата кои се наш идентитет и наш јазик. Историјата ќе ја оставиме на историчарите и тие нека разговараат за тоа што се случувало во минатото. Ама не смееме да останеме заробени во минатото туку треба да гледаме во иднината. За нас како Влада, за мене лично како политичар е многу важно каква перспектива ќе оставиме на нашите деца, на младите генерации. Кон тоа треба да бидеме насочени.“, вели Спасовски.

Инаку, информациите кои деновиве проструија во некои медиуми, меѓу кои и бугарскиот весник 24 часа дека кон ветото на Бугарија се приклучиле и Данска и Холандија го демантираа и од двете земји. Од холандската амбасада во земјава истакнаа дека ваквите известувања се неосновани и лажни вести и дека Холандија останува на ставот дека Македонија треба да ги почне преговорите.

Од министерството за надворешни работи на Данска истакнуваат дека тие ги поддржуваат актуелните предлози на Европската комисија во однос на преговарачката рамка со Северна Македонија и Албанија и дека тоа јасно го соопштиле.