Власта и опозицијата го прославија празникот на лозарите Свети Трифун. Закроија лозја во Тиквешијата, на блиски локации во различни винарии и се скараа. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека власта со кражба на европски пари го суспендира ИПАРД,а сега ги намалува и субвенциите за земјоделците и го зголемува прагот за земја која треба да се обработува за да се стигне до субвенции. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето, обвини Филипче.
„Откако ги фатија од Европа како крадат европски пари и го суспендираа ИПАРД програмот, сега Вадата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Дополнително уште неколку трикови од страна на Владата. Се зголемува прагот на земја која што треба да се обработува за да се стигне и воопшто до субвенции. Имено од 0,2 хектари сега е 0,5“, порача Венко Филипче.
Министерот за земјоделство Трипуновски обвинувањата за кратење на 40 милиони евра на субвенциите за земјоделците ги отфрли како неточни, ги нарече лаги и манипулации. Вели нема кратење на субвенциите, поддршката се зголемува за вистинските земјоделци.
„Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, имаме една јасна распределба. А тоа е дека приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, оние кои што егзистираат од земјоделство, затоа што изминатите години се воочени таканаречени „ловци на субвенции“ кои што не обработуваат земјоделска површина, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Во новата програма минималната површина се предвидува да биде 0,5 хектари за да бидеме корисници на земјоделските субвенции, односно оваа програма која што ја воведовме. Зошто е тоа направено, затоа што сакаме овој сектор уште толку да го зголемиме, за да имаме имаме уште поголема продукција на вински сорти“, вели Цветан Трипуновски.
Трипуновски кажа дека вчера традиционално пред празникот Свети Трифун биле исплатени 8 милиони евра субвенции на лозарите,а наредната недела 200 милиони денари ќе добијат овоштарите.
