Власта одлучна за иднината на Советот – Лефков: Новите членови да имаат поразлични навики

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Власта не се откажува од намерата за разрешување на петтемина членови на Судскиот совет кои се именувани од страна на Собранието. До ваквата можност дојде откако пратениците не го усвоија Извештајот за 2023 година за работата на Советот. Тогаш, спикерот Африм Гаши најави дека членовите може да бидат отповикани и да се гласа за нови, но остави процедурата да ја започне Комисијата за избори и именувања.

„Остануваме на ставот за разрешување на членови на Судскиот совет. Ниската доверба треба да биде поттик за членовите сами да ги напуштат позициите и очекуваме новоизбраните да имаат цел и агенда поразлична од навиките по коишто досега работеше Советот.“, додава Миле Лефков.

На ваквите најави од страна на владејачкото мнозинством СДСМ најави дека остро ќе се спротивстави. Социјалдемократите обвинија дека Мицкоски сакал судиите да бидат пиони.

„На овој начин Мицкоски ги фрла на буниште реформите во судството и презема целосна контрола и партизација на судството. По истиот рецепт од времето на Груевски, кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните.“, велат од СДСМ.

За најавената смена на петтемина членови на Советот, Мицкоски неодамна кажа дека намерата не е да се заменат „едни со други“, туку новите членови да имаат биографија и тежина. Новиот претседател на Советот, Александар Камбовски истакна дека не сака да шпекулира со коментар за ваквата можност, но очекува да се постапува согласно законите и Уставот. Членови во Советот избрани во Собранието се Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова Илиевска.