Власта повикува на смиреност, ДУИ вели Владата поттикнува поделби и меѓуетничка омраза

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски повика на единство и смиреност. Според него, имало обид за предизвикување меѓуетнички тензии, а тој предупредувал на ваквите сценарија. Мицкоски вели дека вакви обиди ќе има и во иднина.

„Постои една изолирана политичка група којашто изминативе пет, сега веќе шести месец, тешко се навикнува, после повеќе од две децении во власта, да биде во опозиција“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Првиот вицепремиер Изет Меџити апелира периодов да се преброди со „ладни глави“ и зборуваше за позадината на уапсените лица,

„Случајно или не испаѓа дека се луѓе блиски до Демократската унија за интеграција. Работат во нивните јавни претпријатија, кајшто имаат директори и се сликани со нив“, изјави првиот вицепремиер, Изет Меџити.

Од Демократската унија за интеграција сметаат дека до ваквите настани довела дикриминаторската политика на власта. Тие обвинија дека Владата поттикнува поделби, меѓуетничка омраза, не може да биде доверлив партнер за мирот и стабилноста на регионот и предводи концепт на етничка сопственост на државата.

„Демократската унија за интеграција апелира до сите граѓани да бидат мирни и да избегнуваат било какви провокации во наредниот период од страна на одредени структури кои работат против стабилноста на нашата земја, но и на целиот регион“, изјави потпретседателот на ДУИ, Бајрам Реџепи.

СДСМ побара да се свика, како што велат, лидерска средба за стабилност, на која би присуствувале претседателите на парламентарно застапените партии.

„На оваа средба, сите заедно треба да испратиме порака дека Македонија е и ќе остане држава на сите нејзини граѓани. Држава која ги почитува различностите и која ги штити државните симболи, редот и мирот“, вели Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.

На повикот од опозицијата премиерот Мицкоски одговори дека ќе размисли дали да се одржи лидерска средба, но како што додаде, во моментов не гледа причини.