Инцидентите со знамињата кои се актуелни деновиве, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги искористи да го нападне претходното раководство на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) кое беше поставено од СДСМ и ДУИ, дека не си ја завршило добро работата. Тошковски вели дека пред извесно време, а тоа значи пред скоро два месеца испратиле барање да се даде оценка дали се можни инциденти на 22 и 28 ноември, на деновите на албанската азбука и на знамето.
„Агенцијата за национална безбедност, по поднесено барање од страна на одделот за организиран криминал во Министерство за внатрешни работи, е добиен одговор дека нема индиции за немили настани“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Но, според Тошковски, но и според премиерот Христијан Мицкоски, иако АНБ потфрлила Владата и МВР имале сознанија дека нешто се подготвува.
„Јас предупредував на вакви сценарија уште од многу одамна уште пред неколку месеци дека има вакви информации, дека ќе има вакви обиди и нема да биде ова и последен обид, ќе има и други обиди за ескалација, за меѓуетнички тензии итн. Дури и ова што се случуваше пред неколку дена беше од наша страна превенирано и антиципирано“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Дали бевме предупредени од страна на сите институции кои се занимаваат од страна на безбедноста, да бевме предупредени дека може да има немили настани“, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Иако имаше информации дека АНБ под раководство на новиот директор Бојан Христовски го информирал МВР за можни инциденти, сепак, според информациите на ТВ21, кои беа потврдени од високи претставници на МВР, писмена информација од АНБ за можни инциденти не постои. МВР било информирано во директна, секојдневна комуникација меѓу сите сектори задолжени за безбедноста во државава. Според Тошковски, МВР била подготвена за сите предизвици што се јавиле на 28 ноември, кога се прославуваше Денот на албанското знаме.