„Власта продолжува да ги партизира институциите“ – Јадранка Дабовиќ доби поддршка за нов уставен судија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со осум гласа ЗА, без воздржани и против Јадранка Дабовиќ Анастасовска ја доби поддршката од Комисијата за избори и именувања за нејзин избор за судија на Уставниот суд на местото на Јован Јосифовски чиј мандат истече во јануари 2022 година.

Во дводневната дискусија за нејзината кандидатура опозицијата излезе со низа критики дека зад неа стои владејачката СДСМ со што се докажува дека и натаму Уставниот суд се партизира и како што напомена Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ таа е политичко партиска испостава на власта.

„И за овој кандидат провејува она што е на еден начин континуитет на изборот на претходните кандидати а тоа е дека сепак има примеси на политичка позадина со нејзината претходна работа како советник во град Скопје во периодот од 2005 до 2009 година, од редовите на СДСМ. Олицетворениот на овој Уставен суд е дека не ја оправдува својата функција, односно дека се работи за, за жал повторно политичка партиска испостава на власта“, вели Александар Велјановски.

Власта со именување на свои судии не само во Уставниот суд туку секаде, сака да си се обезбеди за во иднина не само за себе и своите интереси, туку да ги урива и проектите на ВМРО-ДПМНЕ, велат од опозицијата.

„Власта системски си бара решение како да си ги пополни институциите кои понатаму ќе ја бранат заради криминалите, корупцијата, сведоци сме дека во изминатите 6 – 7 години секојдневно ја тресеа државата со криминали, корупција. Значи се на се оваа власт го девалвира правосудството и затоа довербата е таква каква што е 1 посто, можеби веќе и нула посто“, порача Јадранка Поцкова.

За местото судија во Уставен суд, покрај професорката Јадранка Дабовиќ која беше предлог на СДСМ, од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа предложени и професорите Родна Живковска, Саво Климовски, како и долгогодишниот судија и обвинител Тодор Витларов.