ВЛЕН бара истрага за проектот за канализација во Кичево – Рокас најавува враќање на средствата доколку се утврдат неправилности

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изјавата на амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, дека во евиденциите на ЕУ проектот за канализација од Зајас до Кичево фигурира како завршен во 2024 година, предизвика реакција од ВЛЕН.

Владејачката албанска партија бара истрага од обвинителството за, како што велат, изгубените милиони.

„Бараме Јавното обвинителство и Финансиската полиција да ја прошират истрагата до крај и тесно да соработуваат со европските институции. Ова е вистинското лице на ДУИ – патриоти пред камерите, а зад завесите неуспешни проекти, изгубени милиони и заплет кој веќе почна да се расплетува и од страна на Европската Унија“, велат од ВЛЕН.

Од ДУИ сè уште нема реакција во врска со овие обвинувања и проектот.

Запрашан повторно за случајот, амбасадорот Рокас изјави дека Европската Унија внимателно ја следи ситуацијата и предупреди дека доколку се утврди дека средствата не биле искористени според правилата, ЕУ ќе побара нивно враќање.

„За секој дел од средствата на ЕУ, не само што ги доделуваме тие средства, туку очекуваме и по завршувањето на проектот внимателно да го следиме неговото спроведување. Од она што го знам, компанијата изведувач банкротирала. Ние како ЕУ внимателно го следиме овој проект и го замолив градоначалникот да ми ги испрати сите елементи за реализацијата на проектот. Сметам дека, доколку не е како што треба, ќе бидеме принудени да побараме враќање на средствата. Сепак, се надевам дека нема да дојдеме до тоа, бидејќи овој проект е важен за граѓаните на Кичево“, изјави Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ.

За изградбата на канализациската мрежа од Зајас до Другово биле обезбедени 19 милиони евра од ИПА фондовите на Европската Унија.

Од оваа сума биле потрошени околу 3 милиони евра, додека повеќе од 15 милиони евра биле повлечени од финансиерите бидејќи проектот не бил реализиран.

Работите ги изведувала компанија од Азербејџан, која банкротирала откако се соочила со проблеми при обезбедувањето банкарска гаранција, по што проектот бил прекинат на половина.