Политичката пресметка околу случајот „Лотарија“ продолжува, откако ВЛЕН побара од Јавното обвинителство информации за текот на постапката против поранешниот функционер на ДУИ, Артан Груби.
Од ВЛЕН прашуваат зошто, речиси шест месеци откако на Груби му беше определен куќен притвор, сè уште нема обвинение во предметот. Партијата посочува дека максималниот рок за мерката куќен притвор истекува на 22 август, поради што бара од Обвинителството да објасни до каде е постапката и кои чекори се преземени.
Од ВЛЕН дополнително го отворија прашањето за наводите на американските власти, потсетувајќи дека Груби се најде на црната листа на САД поради наводи за корупција. Партијата бара Обвинителството да соопшти дали презело конкретни дејствија врз основа на тие наоди.
„ВЛЕН бара од Обвинителството да не си игра со правдата, туку да излезе и да објасни зошто сè уште нема обвинение во случајот ‘Лотарија’, каде што процедурите се заглавени и што презело по наодите на американските власти“, порачаа од ВЛЕН.
На обвинувањата реагираше ДУИ, од каде што оценуваат дека станува збор за недозволен политички притисок врз обвинителството и судовите.
Од ДУИ велат дека правдата мора да се темели на докази, стручност и законски процедури, а не на политички барања и партиски директиви. Според нив, ВЛЕН со ваквите настапи се обидува да ја прикрие сопствената политичка неспособност преку, како што велат, политички прогон.
„ДУИ повикува на европска, неселективна правда. Обвинителите ја сносат одговорноста и мора да одлучуваат врз основа на законот, доказите, стручноста, а не врз основа на партиските наредби и желби. Влен се обидува да ја камуфлира својата неспособност и целосен неуспех со политички прогон и притисок врз обвинителството“, велат од ДУИ.
