ВЛЕН го одржа основачкото Собрание: „Потврдена, обединета и консолидирана партијата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Со учество на делегати, активисти, функционери и поддржувачи, во Домот на културата во Тетово, партијата ВЛЕН го одржа основачкото собрание.

Ко-претседателот Биљал Касами истакна дека ова е уште еден важен чекор во историскиот пат за обединување и консолидирање на ВЛЕН. Тој ја критикуваше претходната власт, велејќи дека работите и прашањата што не успеале да ги решат 24 години, ВЛЕН ги прави за 24 месеци.

„На нив им ја оставивме бучавата и празните зборови. Ние се зафативме со работа и проекти, бидејќи сме убедени дека Албанецот ја цени работата, работникот, го цени чесниот и праведниот. Не чека многу работа на терен. Од следната недела ќе одиме во посета на сите локални структури каде што ќе ги претставиме завршените работи и тие што нè чекаат.“, рече Касами.

Ко-претседателот Изет Меџити оцени дека овој основачки собир претставува следен чекор кон зајакнување на ВЛЕН како политички субјект на Албанците во Македонија.

„Овие 2 години на ВЛЕН во Владата покажаа дека кога Албанците се обединети, кога се претставени достоинствено и кога работат со одговорност, резултатите се опипливи и Албанците добиваат реален дел што им припаѓа од државниот буџет. И да, ние сме во служба на граѓаните, во служба на Албанците и затоа ги имаме овие резултати.“, вели Меџити.

Потпретседателката Мимоза Муса истакна дека ВЛЕН ја избрал патеката на обединување и граѓански интерес, претставувајќи модерна сериозна десно-центристичка алтернатива, заснована на семејни вредности, меритократија, застапеност на жени и одговорност во владеењето.

„Во време кога многумина инвестираат во поделби, ние избравме обединување. Во време кога политиката често се мери со тесни интереси, ние го избравме граѓанскиот интерес.“, изјави Муса.

Инаку, ВЛЕН првично беше формиран како коалиција меѓу 5 опозициски албански политички партии пред парламентарните избори во 2024 година. По изборите, ВЛЕН стана дел од владејачкото мнозинство, влегувајќи во Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Поради ова беше остро критикуван од тогашната опозициска ДУИ, бидејќи таа имаше повеќе пратенички мандати во рамки на коалицијата „Европски фронт“.

Сега ВЛЕН функционира како една партија, со 2 ко-претседатели, еден генерален секретар и двајца потпретседатели.