ВЛЕН и ЗНАМ не го сакаат веќе Таравари во Влада? Касами: Ќе се разговара во кој формат ќе продолжи Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нема знаци на смирување на вжештената атмосфера во коалиција ВРЕДИ, а таа дојде до степен да се поставува прашањето дали Алијанса за Албанците на Арбен Таравари треба да ја напушти Владата. Според Биљал Касами, довчерашниот близок соработник на Таравари вели дека кога влегле во Влада како коалиција ВРЕДИ, имале договор со премиерот, кој сега треба да се преиспита, бидејќи рече дека треба да се разговара во кој формат ќе продолжи Владата.

„Секако во новите околности ние ќе побараме од премиерот да го разгледаме договорот како коалиција, другиот дел останува да се дискутира, како би продолжил понатаму форматот на Владата, но ние како ВРЕДИ секако дека ќе бараме за да седнеме и разговараме уште еднаш за нашите позиции во Влада“, вели Касами.

За евентуално излегување од Владата Таравари деновиве изјави дека воопшто не размислува. Единствено тоа е опција, доколку одлучи премиерот рече тој.

„Тоа одлучува премиерот, тој што ја формира владата е премиерот, ако тој одлучи, немаме проблем, но во принцип, засега имаме одлични односи со премиерот. Не планираме да си заминеме затоа што има повеќе партии во владата, од кои едната е и АА, така што не гледам причина за да ја напуштиме Владата“, вели Таравари.

За случувањата на коалицискиот партнер во власта ВРЕДИ расправаше и Извршниот одбор на партијата ЗНАМ. Утврдиле дека тоа е нивно внатрешно прашање кое, како што рекоа не претставуваат закана за владиното мнозинство. Сепак за нив е неприфатливо некој да биде во Влада а да преговара со ДУИ, алудирајќи на изјавата на Таравари за контакти со партијата на Ахмети. Му сугерираат ли од ЗНАМ на премиерот Мицкоски да побара оставка од Таравари?

„Секој кој што соработува зад отворени и затворени врати со нереформираниот ДУИ за движењето ЗНАМ е неприфатлив да биде составен дел од партнерството во кое што учествува ЗНАМ. Ставот е дефиниран уште во јуни месец минатата година. Не е прашање на наша надлежност да побараме оставка од било кој министер. Тоа е прашање на премиерот“, изјави Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ.

По превирањата во ВРЕДИ, според Касами нема елементи за предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што истакна, парламентарното мнозинство е многу стабилно, а додава и дека има поединци но и субјекти од опозицијата кои се спремни за да се вклучат во власта.