Пред два дена ТВ21 извести дека им е влошена здравствената состојба на осудените за случајот Диво Насеље кои веќе 15 дена штрајкуваат со глад. Денеска едниот од нив, Мусадик Пајазити бил испратен во болница бидејќи здравствената состојба уште повеќе му се влошила. Истиот повторно бил вратен во затворот. Адвокатот Насер Рауфи вели дека затворениците за овој случај се третирани нечовечки а додава дека тие не планираат да го прекинат штрајкот.
„Како прво ова е работа за Управата за спроведување санкции, за министерот за правда, нема никаков интерес, навистина е несфатливо, не се интересираат како да не се луѓе. Не само состојбата на Мусадик, туку и другите 4 кои штрајкуваат со глад се во лоша состојба, многу лошо и мислам дека им се потребни лекови, брза помош и хоспитализација, но тоа не е реализирано“, истакна Насер Рауфи.
Адвокатот смета дека ова што им се прави е поради одмазда.
„Дискриминацијата мислам дека е поради делото, божем тие се тие што извршиле терористичко дело, кои што убиле полицајци. Знаете дека беше вооружен конфликт меѓу полициските единици и вооружената група, не е во прашање предмет за тероризам. Мислам дека причината е инкриминирано дело, според мене ова е реванш бидејќи имаше убиени од полициската единица на РСМ“, додава Насер Рауфи.
Заменик директорот на затворот во Шутка, Садуш Арифи ја повтори изјавата дека како истражен затвор не можат да и излезат на помош на Кумановската група за остварување на барањата што им следуваат. Инаку адвокатот Рауфи вели дека на 23-ти ќе поднесат кривична пријава за одговорните лица кои спречиле реализација на олеснителните околности, како користење викенди и семејни посети. Клучен е меѓународниот фактор кој е единствен спас, смета адвокатот.
