ВМРО-ДПМНЕ: Абази пред заминување го спаси Филипче од одговорност, СДСМ: Пет години лаги за модуларната, монструозна кампања против Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Одлуката на Обвинителството дека нема основи за сомневање за кривични дела во случајот со јавните набавки за модуларните болници, веќе неколку дена е причина за меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата.

Во последното соопштение, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека модуларните болници беа поставени низ државата за време на ковид пандемијата како „урбана опрема“. Според нив, за да биде возможно болница да спаѓа во категоријата „урбана опрема“, тогашната влада на СДСМ и ДУИ го сменила Законот за градење по итна постапка, со што се овозможило Министерството за здравство да дава одобренија за нивно поставување.

„За време на ковид кризата, Венко Филипче беше министер за здравство, а болниците биле набавени како стоки, кои не можеле да бидат користени како објекти за здравствена дејност. Техничката спецификација, пак, била изготвена од лице назначено директно од Венко Филипче. Светска банка барала одобренија за поставување и употреба на модуларните болници, како и извод од Катастар, со цел да се покаже одржливоста на проектот. Но, одобрение не можела да издаде ниту општината, ниту Министерството за транспорт и врски, затоа што процедурата не била запазена. Катастар одбивал да врши упис на болниците, затоа што тие биле набавени како стоки и немало извештај од надзор, согласно член 74 од Законот за градење, кој бил потребен за нивно запишување“ наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие велат дека Артан Етеми, тогашен економски директор на болницата, бил против поставувањето на ваков тип објект затоа што немало приклучоци, немало никаков надзор, а немале ниту достапни средства за да ги платат приклучоците. Но, според владејачката партија, Филипче сепак одлучил модуларните болници да бидат пуштени во употреба.

„Токму поради ова, обвинетите кажаа дека Венко Филипче треба да седи на обвинителната клупа заедно со нив. Предметот за овој настан, кој се случи на 8 септември 2021 година, а за кој беше оформен предмет на 10 септември истата година, долго време стоеше во фиоките на Вилма Русковска и Елизабета Јосифовска од СЈО, за на крај Ислам Абази да го спаси Филипче од одговорност. Ова не е прв случај во кој Ислам Абази работи во интерес на Заев, Филипче и Ахмети, а сега, пред заминување, си ја доработува задачата за која беше поставен во време на СДС. Тој не го прогласи Филипче за виновен“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Реагираа од опозициската СДСМ. Велат дека пет години владејачката оартија и нејзиниот лидер водат, како што ја нарекуваат, монструозна кампања против Венко Филипче со злоупотреба на трагедијата во модуларната болница во Тетово и болката на семејствата на загинатите.

„Пет години шират лаги, конструкции, клеветат, само за пресметка со претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче. Пет години ниту Филипче ниту СДСМ не се мешаше во работата на Јавното обвинителство. Не вршеше притисок. Не ја коментираше постапката. Не бараше заштита. Затоа што институциите мора да работат независно и без притисок“, соопштија од СДСМ.

Опозицијата вели дека модуларните болници беа набавени преку меѓународна постапка на Светската банка, со механизми на контрола, во време на најголемата здравствена криза во поновата историја.

„Тие болници не се градеа за тендерски профит, туку за да се спасуваат животи. Се градеа во време кога болниците беа преполни, кога немаше доволно кревети, кога здравствените работници водеа битка за секој пациент. Ако постоела и најмала основа за кривична одговорност на Филипче, зарем некој верува дека Мицкоски и ВМРО немаше да најдат начин да ја искористат? По две години власт, со целата моќ што ја имаат, ќе оставеа нешто неискористено против својот најголем политички противник.“, оценуваат од опозициската партија.

Според нив, ВМРО-ДПМНЕ водела јавен линч и политички суд цели 5 години, без докази, пресуда и без никакви граници.

„Човек кој е доктор, хирург и универзитетски професор, го нарекуваа убиец. Човек кој целиот професионален живот лекува пациенти, спасува животи и образува идни лекари, го нарекуваа „д-р Менгеле“. Тоа е дел од кампањата на ВМРО и Мицкоски за ширење омраза и поделби. Истата кампања која потоа организирано се рашири низ медиумската машинерија на ВМРО и
Орбановите 40% од медиумите. Пет години ја користат трагедијата како политичко оружје, си поигруваат со болката, чувствата и жалта на семејствата на загинатите“, нагласуваат од СДСМ.

Оттаму велат дека владејачката партија и премиерот Мицкоски треба да им се извинат на граѓаните за пет години манипулации и ширење невистини. „Но, пред сè, да им се извини на семејствата на загинатите. Затоа што пет години нивната најголема болка ја претвораат во политичка кампања и бесрамно си поигруваа со нивната болка. Тоа е бездушно. Неморално. Тоа е ВМРО!“, се вели во соопштението на опозициската СДСМ.