ВМРО-ДПМНЕ: Џафери да ја врати информацијата до Владата – пратениците добиле само еден лист, а не цел пакет заедно со протоколот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието Талат Џафери да ја врати Информацијата за предлог преговарачката рамка до Владата како нецелосен документ бараат од ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на оваа пратеничка група Никола Мицевски вели дека она што вчера го добиле од Владата е навреда за целото Собрание бидејќи наместо да го добијат цел пакет на документи особено билатералниот Протокол, се што имаат само еден лист материјал. Тој ги повика пратениците од власта да не гласаат за преговарачката рамка.

„Ова е целиот материјал кој што Владата го испрати за одлучување во Собранието врз основа на која што треба пратениците да се изјаснат за иднината на Република Македонија. И никаде во испратениот материјал ги нема документот Заеднички став за Европската унија, Предлог преговарачката рамка на Европската унија, односно општиот став на Европската унија, предлог заклучоците на Советот како и најглавниот, најбитниот документ билатералниот ПРотокол помеѓу Македонија и Бугарија за кој што и министерот Османи и министерката Генчовска изјавија дека е усогласен“, посочи Никола Мицевски.

На иста линија е и Павле Трајанов од Демократскиот сојуз кој ја повика Владата да ги достави сите документи па потоа Собранието да расправа. Претходно вели тој, работната група треба да ги донесе заклучоците по Преговарачката рамка.

„Значи тоа е нецела страница, мислам дека тоа е несериозен и неодговорен пристап. Претседателот на парламентот господинот Џафери не може ова да го прифати како информација, значи не ги задоволува деловничките критериуми, како информација по која може да расправа Собранието на Република Македонија. Демократскиот сојуз се залага да има расправа во парламентот, претходно да се подготват заклучоци кои ќе бидат прифатливи за сите, посебно за ВМРО-ДПМНЕ. Јас не верувам дека би било во ред парламентот да донесе заклучоци со надгласување“, вели Павле Трајанов.

Ќе ја врати ли Џафери Информацијата за предлог преговарачката рамка до Владата со барање да се испрати целиот пакет документ вклучително и Протоколот. Од Кабинетот на претседателот на Собранието нема конкретен одговор, туку се повикуваат на неговата изјава за МИА, во која тој за прашањето дека е испратена само Информацијата тој вели дека сите документи се јавно достапни.

„На редовната понеделничка координација во Собранието ќе се разговара за тоа кога би можело да се одржи пленарната седница за Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка. Информацијата за содржината на предлог – преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европска Унија Владата до Собранието ја испрати вчера. Согласно процедурите, материјалот е доставен до пратениците, но во него не се содржани францускиот предлог и пропратните документи“, порача Талат Џафери.

Од СДСМ велат дека пратениците треба да покажат одговорност и да обезбедат европска иднина за граѓаните.  Ненад Коциќ од оваа партија смета дека нема веќе простор за корекција на Преговарачката рамка.

„Не може да го смениме францускиот предлог, тоа е предлог на Европската унија. Ние може да смениме нешто што ние сме го направиле и нешто што ние сме создале како можеме ние да менуваме нешто што изгласале 27 земји членки на Европската унија. Во чие име би го менувале. Ние ги кажуваме нашите позиции како пратеници и како Собрание и ние тука можеме да дебатираме околу нашиот став. Немаме ниту можност ниту законска ниту правна ниту е тоа логично да менуваме нешто што е став на 27 земји членки на Европската унија“, вели Ненад Коциќ.

Инаку, седницата на Собранието на која би се расправало за Информацијата за Преговарачката рамка се уште не е закажана. Во понеделник започнува ребалансот на Буџетот, па најверојатно во некој прекин на оваа седница во вторник или друг ден би можело да започне расправата.