Филипче е на страната на бугарските барања за Уставни измени, а ВМРО-ДПМНЕ е на страната на македонските национални интереси, се вели во денешното соопштение на владејачката партија. „Уставните измени не се последната, туку првата отстапка од низата барања кои Бугарија сака да ги наметне на Македонија. Отворањето на Уставот значи отворање на Пандорината кутија за нови условувања, нови притисоци и нови удари врз македонскиот идентитет“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, капитулантската политика на СДСМ и ДУИ ја довеела државата во подредена позиција и создала простор за постојани уцени кон Македонија и дека наместо заштита на националните интереси, СДСМ прифаќале договори кои биле во корист на туѓи, а не на македонските позиции.
„Венко Филипче денес е најгласниот промотор на истите политики. Додека ВМРО-ДПМНЕ води принципиелна и достоинствена политика во одбрана на македонските национални интереси, Филипче безусловно ги поддржува барањата кои доаѓаат од Софија. Над 80% од граѓаните даваат поддршка на меѓународната политика на ВМРО-ДПМНЕ, додека од другата страна специјалниот бугарски пратеник Венко Филипче промовира наредби од Радев кои се косат со македонските интереси“, нагласуваат од владејачката партија, додавајќи дека затоа довербата во СДСМ секојдневно паѓа, а поддршката за политиките на ВМРО-ДПМНЕ расте.
Од владејачката партија ја повторија пораката дека Македонија нема да прифаќа нови условувања, нема да тргува со својот идентитет и нема да дозволи националните интереси повторно да бидат жртвувани за нечии политички кариери.
Од друга страна, лидерот на СДСМ Венко Филипче, на социјалната мрежа ИКС сподели медиумски напис од интервју на претседателката Сиљановска – Давкова со наслов „Историските спорови се губење време, Македонија треба да се европеизира преку реформи“, прашувајќи дали ова значи дека претседателката Сиљановска сака да се приклучи на Фронтот за вистина и правда.
„По прв пат некој од ВМРО јавно го кажува она што ние во СДСМ, а сега и во големиот граѓански фронт, го повторуваме веќе долго време. Историските спорови со Бугарија и работата на Историската комисија не се дел од условите за продолжување на преговорите со Европската унија. Тоа е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија, а не европски услов. Упорно објаснуваме дека реформите и Копенхашките критериуми се европски барања a не бугарско прашање и дека се клучни за продолжување на преговорите“, пишува Филипче.
Според него, реформите не претставуваат никаква закана за јазикот, културата и македонскиот национален идентитет, додавајќи дека дека не смее да му се дозволи на премиерот „со лаги и пропаганда да го дели народот, да ја изолира Македонија поради својот криминал и корупција и да ја остави Македонија како слепо црево на Балканот“.
„Гордана, ви благодарам за вистината. Како професорка по право, се надевам дека наскоро ќе бидете и на страната на правдата. Реформи сега. Европа сега“, се вели во постот на претседателот на СДСМ, Филипче.
