ВМРО-ДПМНЕ покрај со коалицијата ВРЕДИ ги започна преговорите за учество во новата влада и со партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски. Првата средба се случи синоќа во просториите на ЗНАМ, но засега нема конкретни детали за суштината на разговорите. Неофицијално на оваа прва средба не се разговарало за кадровски решенија и поделба на ресори, но се очекува оваа тема да биде отворена на наредната средба.
На неа, како што велат партиски извори за ТВ21 ќе се остави предлогот за тоа колку ќе добие ЗНАМ од владиниот колач да го даде ВМРО-ДПМНЕ, а потоа од партијата на Димитриевски дополнително ќе се произнесат за тоа кои се нивните позиции. Од ВМРО-ДПМНЕ кратко одговорија дека засега сè уште нема конечен договор.
„Сè уште нема конечен договор. Тоа што можам да го споделам е дека разговорите се одвиваат во позитивен дух“, порача Наум Стоилковски.
По вчерашниот состанок од ЗНАМ издадоа и соопштение во кое се наведува дека на состанокот се разговарало за стратешките определби, политичките начела и политичката платформа за соработка.
„Движењето ЗНАМ – за наша Македонија, својата платформа ја темели на идеолошките столбови на Движењето ЗНАМ, а тоа се Македонија современа, демократска, европска држава, втемелена на илинденските и асномските вредности, интеграција на земјата во Европската унија на достоинствен начин, Македонија држава во која има правда за сите и нулта толеранција за корупција. Во разговорите претставниците на Движењето ЗНАМ инсистираа сите определби да биде дел од идната владина програма“, велат од ЗНАМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера информираа и дека преговорите што се водат меѓу коалициските партнери за идната Влада се во напредна фаза, но дека сè уште нема конечен договор со коалицијата ВРЕДИ. Новата Влада се очекува да биде формирана до 20 јуни, а во вторник е закажана конститутивната седница на Собранието.
