ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува идејата на министерот за правда, Кренар Лога, за распуштање на Судскиот совет поради неколкуте скандали во ова судско тело во последните месеци. Од опозициската партија велат дека со години предупредуваат на партизација на судството, а додаваат дека по создадениот циркусот во Судскиот совет, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на месец мај бара Собранието да расправа за состојбата во ова судско тело.
Пратеничката Дафина Стојаноска бара одговорност и од Владата за настанатата состојба во највисокото судско тело.
Пратеникот од СДСМ, Миле Талевски, изјави дека се подготвени да ја поддржат секоја идеја која е во најдобар интерес на граѓаните, но откако за ваква тема ќе се разговара во Собраниеи ќе има дијалог меѓу сите партии во Собранието.
Судски совет вчера не ја коментираше изјавата на Лога, велејќи дека министерот има право да предложи законски измени. Се очекува следната недела Советот да одржи седница на која се очекуваат нови случувања. Досега судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска Стефкова поднесоа оставки од Судскиот совет поради овие скандали. Кризата во ова тело започна со незаконското разрешување на поранешната претседателка Весна Дамева, а Советот одбива да му го предаде записникот од таа седница на министерот Лога.
