Петре Шилегов како градоначалник на Скопје плаќа консултации за правни работи со адвокатското друштво Шилегов, објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
„На Петре Шилегов малку му е платата како градоначалник на Скопје, особено што не работи ништо, па мора и хонорар да зема од градската каса! Со години, Петре адвокатот го советувал градоначалникот Шилегов за правни работи.И за тоа си исплаќа по 50.000 денари месечно. Или во просек, Шилегов си потпишува консултантски услуги сам на себе, за што скопјани му плаќаат околу 10.000 евра годишно. И тоа Шилегов го прави со години“, посочи Стоилковски.
Градоначалникот Шилегов ги демантираше изнесените лаги поврзани со него од опозициската ВМРО ДПМНЕ, велејќи дека кога тие зборуваат вистината е секогаш на обратната страна.
„Вистината кога е ДПМНЕ во прашање е секогаш на обратна страна. Јас уште како, пратеник во Собранието имам склучено договор за консултантски услуги со сопственото адвокатско друштво кое ме плаќа мене. Еве го договорот во 2015 и месечниот приход кој е уредно пријавен во анкетниот лист и предаден во Антикорупциска комисија кога станав градоначалник. За тие средства од 50.000 денари уредно плаќам данок. Ги повикувам, да се радуваат на развојот на нашиот град, на она што градот изминативе три години чекор по чекор го постигна“, посочи Шилегов.
