ВМРО-ДПМНЕ: Инпичмент на Пендаровски?! – Заев: Мицкоски трчаше пред мене и бараше вонредна состојба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ се однесува неодговорно и несериозно со нивната одлука да не ги поддржи одлуките за вонредна состојба што претходно ги донесе претседателот Стево Пендаровски, а кој ги бараше и самиот Мицкоски, изјави премиерот Зоран Заев. За можноста за уставна криза, тој вели дека нема простор за стравување.

„Мицкоски трчаше пред мене како претседател на најголемата владејачка партија да побара вонредна состојба. И не е важно кој ја побара, ја побаравме заедно власта и опозицијата. Претседателот Пендаровски не послуша, ги слушна аргументите одржавме дури и состаноци и ја прогласи вонредната состојба. Не постои никаков ризик ниту за уставни кризи ниту за некои проблеми за поништување на било какви одлуки кои што се донесени, ниту пак реверзибилност на целиот процес, односно враќање назад на целиот процес“, посочи Зоран Заев.

По одржувањето на првата седница на Советот за безбедност посветена на кризата со корона вирусот беше одлучено дека не треба да се воведе вонредна состојба по што Мицкоски рече дека не се согласува со ова решение.

„Поради итноста и алармантноста на состојбите на терен, но и неопходноста да се помогне на граѓаните, апелирам денес до претседателот Пендаровски да прогласи согласно Уставот вонредна состојба во Македонија час поскоро“, порача Христијан Мицоски.

Артан Груби вели дека нелогични се постапките на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи кога се носеа овие одлуки и опозицијата беше дел од тогаш техничката влада. Но портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски тврди дека вонредната состојба била искористена за личен интерес и затоа нема да ги гласаат одлуките. Тој рече дека се уште размислуваат и за барање импичмент на Пендаровски.

„Се разгледуваат сите можности и ќе бидат разгледани сите опции на телата и органите во партијата и ќе бидат издискутирани и ние оддамна кажавме дека Стево Пендаровски е соучесник на мафијата на Заев“, вели Димче Арсовски.

Поранешната министерка за правда и професорка по уставно право Рената Дескоска, пак смета дека потврдувањето на одлуките за вонредна состојба се непотребни.

„Правните норми треба да предизвикуваат правни последици, да имаат правен ефект, а ова одлучување во Собранието не би имало никаков правен ефект по однос на донесените одлуки бидејќи тие престанале. Ниту пак непотврдувањето на одлуките на претседателот би значеле постапка за одговорност на претседателот. Собранието не треба да почнува беспредметни постапки“, истакнува Рената Дескоска.

За одлуките за вонредна состојба до Уставниот суд беа поднесени иницијативи за оценување на уставноста и тоа од партијата Левица, како и од Светскиот македонски конгрес и еден граѓанин. Уставните судии ги отфрлија иницијативите со образложение дека Уставот не ограничува колку пати ќе биде прогласена вонредна состојба, доколку надлежните органи а тоа се Собранието или претседателот на Републиката проценат дека се исполнети условите и потребата за нејзино прогласување.