Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска повика надлежните институции темелно да го истражат случајот со труењето на повеќе од 1.200 жители на Гостивар. Од партијата посочуваат дека одговорноста ја лоцираат кај локалната власт во Општина Гостивар, составена од СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари.
„Очекуваме случајот целосно да биде расчистен и секој што со своите постапки го довел во опасност здравјето на граѓаните да одговара согласно закон. Според информациите со кои располагаме, постои основано сомнение дека здравјето на граѓаните било директно загрозено, бидејќи општинските власти поставиле пумпи во отпадни води со цел да го зголемат притисокот во водоводната мрежа“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, првичните резултати од анализите на водата во Гостивар, како што вчера најави министерот за здравство Сашо Клековски, се очекува да бидат објавени утре. При вчерашната посета на гостиварската болница, Клековски изјави дека засега нема основа за прогласување епидемија.
