ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека полицајци малтретирале граѓани – СДСМ се оградува, МВР започна внатрешна истрага

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинува, дека полицајци на Заев и Спасовски договарале малтретирање на граѓани за изборната кампања. Од партијата велат дека била направена вибер група преку која организирано се вршеле притисоци.

„Групата од над 40 полицајци, се координирала на апликацијата Вибер, таа група е именувана ХХХ според она што досега го идентификувавме има началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители. За изборите било договарано, следење, малтеретирање и шиканирање на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Драган Ковачки.

Претседателот на партијата Христијан Мицкоски вели дека имаат многу повеќе докази кои биле доставени до меѓународната заедница, а го повика и обвинителството да отвори истрага.

„Да, имаме повеќе вакви докази што се доставени до меѓународната заедница, го повикувам и обвинителството да излезе со истрага и таа истрага да кулминира со кривична пријава, бидејќи таму имаме повеќе од 40-тина полициски службеници кои што се блиски до владејачката партија до СДСМ, гледате таму каква реторика има, гледате каков е речникот на тие луѓе кои што треба да бидат пример во средините каде што функционираат, за жал тие се само од тоа што го прочитав не се пример во општината и предизвикаа една жестока турбуленција во мојот стомак и едно чувство на гадење“, посочи Христијан Мицкоски.

СДСМ се оградува од изнесеното, додавајќи дека нивната партија водела искрена, приземјена, отворена и јавна комуникација со граѓаните.

„Тоа време заврши пред четири години, тоа е времето на МВРО-ВМРО од кое граѓаните денес се заштитени и преку институциите и преку севкупниот демократски амбиент. Граѓаните од 2016 година наваму гласаат слободно, а сите четири изборни циклуси од тогаш наваму, како и референдумот, се потврдени како целосно слободни, фер и демократски“, велат од СДСМ.

Од МВР ги отфрлаат пласираните информации, но велат дека е започната внатрешна истрага која ќе треба да ги утврди фактите, додавајќи дека кон нив нема пристигнато пријава за малтретирање од страна на граѓанин.

„Во јавноста не е изнесен ниту еден доказ ниту дека тоа се договарало, ниту дека МВР на било кој начин е дел од таква наводна операција, ниту пак дека тоа реално се случувало. Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во било кој друг град не се координираат преку вибер групи. Во исто време, после направена проверка на статистиката за возила испратени на технички преглед, информираме дека тој ден во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле“, додаваат од МВР.

На прес коференцијата одржава во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ беа презентирани и фотографии како докази од разговори во група креирана на Вибер.