ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека нивните политики кон државните интереси се исто како оние со Бугарија.
„Политиката на СДС кон државните интереси е иста со таа на Бугарија.
СДС и официјална Софија не се разликуваат во барањата, Венко Филипче исто како и новата бугарска Влада бара итно спроведување на уставните измени и тоа без никакви гаранции дека тие ќе бидат последните.
Дека СДС има исти позиции со Бугарија потврдува и самиот Филипче, пиунот на новиот бугарски премиер Румен Радев, со секојдневните негови настапи и изјави.
Пиунот на Радев, Филипче освен што е главен лобист за безусловно прифаќање на бугарскиот ултиматум, исто така нема ништо против да бидеме нарекувани „северномакедонци“.
Со тоа Филипче станува поголем негатор и штетник на македонскиот народ и Македонија, дури и од неговиот ментор Зоран Заев, како и бугарските власти кои не нарекуваат со навредливи придавки.
Филипче, освен што е главниот лобист на Бугарија во Македонија за внесување на Бугарите во Уставот, а потоа и за менување на идентитетот, јазикот, културата и историјата, тој дури и го брани источниот сосед велејќи дека не ни го негира нашиот национален идентитет“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вратија и од СДСМ од каде велат дека од сегашната политика на власта би се „гадел“ и големиот револуционер Гоце Делчев.
„Гоце Делчев би се гадел од ВМРО-ОКГ и Мицкоски.
Тој се бореше за единство и слобода, а не за поделби и конфликти.
Гоце Делчев се бореше за правда, а не за криминал и корупција.
Се бореше за иднина, а не за изолација и блокада.
Гоце Делчев денес би бил борец за Европска Унија, а не за политика која нè враќа во 90-тите години, политика на поделби и деструкција, политика на воена пропаганда.
Денес ВМРО-ОКГ води политика на вештачки конфликти со соседите, на поделби во општеството и на блокирање на европскиот пат.
Тие го користат името на Гоце Делчев за своја пропаганда, а истовремено ја држат Македонија како заложник на својата криминална организација.
СДСМ продолжува да се бори за вистинските идеали на Гоце Делчев – за единствена, слободна и европска Македонија“, стои во соопштението на СДСМ.
