Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение реагира на прес конференцијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Од таму велат дека Спасовски е најголемиот виновник за бегството на Мијалков.
„Оливер Спасовски во патетична и панична прес конференција призна дека Мијалков и поминал на полицијата пред нос, дека власта знаела дека ќе бега и не го спречила. Спасовски денес кажа тоа што Русковска вчера го изјави. Власта знаела цели два дена дека Мијалков ќе бега и не преземала ништо за да го спречи. Според изјавата на Спасовски, Мијалков бил комотен и се шетал сосема слободно, за да и побегне на полицијата во 5 до 12“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Се додава дека „самиот факт што тоа е така, значи дека Мијалков бил брифиран за секое движење и секоја акција од страна на врвот на власта“.
„Што чекал Спасовски два дена, и зошто дозволил Мијалков слободно да се шета низ Скопје и да го планира своето бегство. Мијалков не можел да избега без помош од Спасовски, особено ако се точни наводите на самиот Спасовски дека Мијалков бил цело време следен од полиција. Тука Спасовски сам падна во замка во обид да се вади“, обвинуваат од опозицијата.
Тие порачуваат дека Спасовски наместо да се правда, треба веднаш да понесе одговорност, да признае вина и да си даде оставка.
