ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја заоструваат реториката во пресрет на локалните избори. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски тие ќе имаат убедлива победа, а опозицијата ќе освои максимум три општини. Социјалдемократите вратија дека тоне рејтингот на владејачката партија и изгубиле сто илјади гласачи, па затоа употребуваат популистички наративи.
„Не е нереално дека опозицијата ќе движи, зборувам за СДСМ евентуално и Левица, зависно дали ќе прават коалиција или не зашто има и таква опција, ќе движат помеѓу нула и три градоначалника максимум“, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Бидејќи вака се прогнозира од страна на претставници на највисокиот врв на партијата дефинитивно тоа покажува дека тие воопшто не се сигурно во апсолутна победа и дека знаат точно граѓаните што гледаат, што чувствуваат и свесни се дека нивниот рејтинг паѓа“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски прогнозираше дека постои сериозна опасност СДСМ да се распадне по локалните избори, поради слабиот резултат. Од СДСМ одговорија дека не е првпат политичките опоненти да се служат со вакви прогнози.
„Мислам дека после локалните избори постои сериозна опасност дали таа политичка партија ќе продолжи да постои“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од ВМРО-ДПМНЕ, ако се вратиме во минатото ги лажеа граѓаните дека и Европската Унија ќе се распадне и дека нема потреба земајта да биде членка на ЕУ, дека не мораме да го бираме тој пат иако таа е и партијата којашто во Собранието пред повеќе од 30 години гласала како стратешка цел земјата да стане членка и на НАТО и на ЕУ. Сега ги слушаме повторно со такви прогнози дека ќе се распадне партијата“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.
Партиите постепено веќе ги објавуваат кандидатите за градоначалници за претстојните локални избори. Изборите се очекува да бидат закажани на половината на октомври, а кампањата би започнала веќе во септември.
