ВМРО-ДПМНЕ против законот за игри на среќа – за ДУИ со него се штитат децата, според асоцијациите, бизнис интереси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Тензична атмосфера на денешната дебата во Комисијата за европски прашања околу измените на Законот за игри на среќа. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесоа  амандмани кој всушност е на барање на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа и на Асоцијацијата на спортски обложувалници, кој притоа беа отфрлени. Во одбрана на законот застана претседателот на Комисијата Арбр Адеми кој рече дека овие измени се во функција на штитење на децата и оддалечување на казината од училиштата, а обвини дека со амандманите се бара намалување на нивната дистанца.

„Доволно е да се види амандманот кој вие сте го доставиле ВМРО-ДПМНЕ со архивски број 80/8 каде истакнувате се намалува растојанието од 500 метри на 250 метри дистанцата од училиштата. Ваков амандман доставија од ВМРО-ДПМНЕ дистанцата од 500 метри е многу голема и сега да ја намалиме. И јас велам друго, ајде според вашата логика да ги отвориме казината и во основните и средните училишта“, вели Арбр Адеми.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека овој закон е спорен и скандалозен и воопшто нема допирни точки со европското законодавство, дека е лага дека со тоа се штитат децата, туку е во функција на богатење на фирмите поврзани со Артан Груби и членови на ДУИ.

„Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2.6 милиони евра, знаете кој е сопственикот? Еден господин од вашата пратеничка група и неговото најблиско опкружување Финансиската полиција отвори предистрага, 19-годишен кумановец ќе набавува апарати за коцкање за Државната лотарија, Хеј ДООЕЛ од Груби Бела преку Машовиќ  до Јахоски. Прв управител на Хеј ДООЕЛ братучетка на Груби“, порача Бојан Стојановски.

И додека траеше седницата на Комисијата пред Собранието се одржа протест на двете асоцијации на организации на игри на среќа. Тие најавија масовно протести како последно предупредување да не се гласаат измените на законот и обвинуваат дека тоа е за лични интереси на поединци од власта.

„Доколку не ги прифатат нашите аргументирани предупредувања и укажувања, ќе следи серија масовни протести и други демократски форми за изразување незадоволство. Едноставно, една крајност по автоматизам создава друга крајност. Ако пратениците навистина се убедени дека овие измени се за заштита на младината а не како што ние што тврдиме за затворање на легалните објекти за игри на среќа заради исполнување на нечии бизнис апетити“, порача Горан Стојменов.

„Носењето на штетниот закон не е ништо друго освен отворање на сивата економија, а што е поалармантно и штитење на бизнис интересите на поединците од власта. Сакам јасно да кажам и да порачам која е вистинската цел на овој закон. Целта на овој закон е да се затворат легалните домашни компании за да може Владата преку он-лајн страници со странски компании од Бугарија да си го преземе бизнисот“, вели Васко Илиевски.

Во истовреме, пак Движењето против коцкање сметаат дека предложениот закон е добар и дека треба да се донесе. Оттаму преку соопштение ги повикуваат пратениците да не го блокираат законот и што побрзо да го усвојат, бидејќи како што велат, тие се гласани од народот а не од казината.