ВМРО-ДПМНЕ реагира на понудата на Груби – „Покажа кој ја води Владата, Ковачевски е заробен премиер од ДУИ“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изјавата на првиот вицепремиер Артан Груби дека ДУИ е подготвена да отстапи од барањето за премиер Албанец предизвика реакции во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата на Мицкоски преку соопштение велат дека со ваквата изјава потврдиле дека Владата ја води Али Ахмети и ДУИ.

„Тоа што Артан Груби нуди отстапка од премиер Албанец, само го потврдува тоа што ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период го говореше, а тоа е дека Димитар Ковачевски е само слуга на ДУИ и Али Ахмети. Владата ја води Ахмети и ДУИ, а Ковачевски е само поставен да ги исполнува интересите на ДУИ. Тоа што Ковачевски прифаќа се што ќе му стават на маса Ахмети, Груби и ДУИ покажува дека Ковачевски е заробен премиер од ДУИ“, вели ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквата реакција е резултат на изјавата што вчера Груби ја даде дека тие се подготвени на сите можни отстапки само опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени.

„Ако сакаат можеме истиот ден да изгласаме распуштање на Собрание и да одиме на предвремени избори, уште на денот кога ќе гласаме за уставните измени. Исто така подготвени сме сите да дадеме оставки и дадовме, ги поднесовме до премиерот, исто да се откажеме и од прв премиер Албанец на Владата на Република Македонија, само да ја видиме нашата држава зачленета во ЕУ“, посочи Артан Груби.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за Сител рече дека е важен овој момент за да се искористи волјата на Европската унија преку пакет да се зачленат неколку држави во ЕУ.

„Ние го нудиме тој план, да гласаме веднаш под услови под кои што ВМРО-ДПМНЕ бара но да бидат реални. Да не влегуваме во нереални условувања за тоа што би направиле Бугарија, што би направила Европската унија. Ние даваме шанса на процесот на разговори. Затоа е овој прекин помеѓу дискусијата и гласањето. И таа шанса ќе ја искористиме и јас сум убеден дека ќе успееме“, порача Бојан Маричиќ.

Пораки за потребите од донесување на уставните измени деновиве испрати и високиот американски претставник Габриел Ескобар кој рече дека Соединетите Американски Држави очекуваат дека земјавата ќе ги донесе уставните измени и со тоа ќе се придвижи кон членство во  Европската унија.