Улиците во земјава се интегрираат во модерен и интелигентен систем наречен „Safe City“, со цел да се спречат несреќите и да се врати редот во патниот сообраќај.
Вака изгледа опомената за казна добиена преку СМС.
„Од денес во функција се камерите поставени од системот ‘Safe City’. Во текот на овој месец нема да има казни, туку само опомени. На камерите, освен што ќе се идентификува дали возите со висока брзина или минувате на црвено, истовремено ќе се утврдува и ако се паркирате неправилно.“, вели новинарката на ТВ21, Фазиле Халили.
Во почетниот период, како сообраќаен прекршок ќе се евидентира и истечена сообраќајна дозвола, додека во втората фаза е планирано да се прошири видот на сообраќајните прекршоци.
Од МВР информираат дека за прекршоците што ќе бидат документирани, ќе испраќаат порака до сопственикот на возилото со кое е направен прекршокот. Пораката ќе се испрати на телефонскиот број и е-мејл адресата кои сопственикот ги има доставено при регистрацијата на возилото.
„Доколку сторителот ја прифати одговорноста за прекршокот во рок од осум дена од денот на приемот на Извештајот за сообраќаен прекршок со платен налог, ќе ја плати половината од изречената глоба. Доколку осумдневниот рок за плаќање половина глоба истече, тој ќе може да го плати целосниот износ не подоцна од осум дена по истекот на рокот за половично плаќање, и пред почнување на извршната постапка.“, изјави Гоце Андреев, портпарол на МВР.
Но, доколку странец направи прекршок кај нас, или државјанин на Македонија ја напушти земјата, тој е должен веднаш да ја плати казната, а најдоцна во рок од осум дена од приемот на извештајот за прекршок со платен налог. Ако прекршителот не ја плати казната, Министерството за внатрешни работи ќе го достави предметот до надлежниот орган за присилна наплата.
