До 2026 година ќе започнат работите за изградбата на Саат Кулата во Тетово. Таа ќе се финансира од Општина Коња во Турција во вредност од околу 200 илјади евра, но нема конкретен рок кога ќе биде завршена. За овој меморандум за соработка потпишаа општина Тетово и Националниот центар за конзервација.
„Претходно знаете дека имало неколку обиди, имало и обезбедување на финансиски средства од финансиски поддршки, но не се успеа да се реализира овој проект како дел од културното наследство. Обезбеден е донациски грант од Општина Коња (Турција). Верувам дека првите градежни активности ќе започнат во рамки на 2026 година“, вели градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Директорот на Националниот центар за конзервација, Александар Јорданоски, увери дека Центарот ќе започне со сите подготовителни работи, почнувајќи од валоризација на културното наследство, проверка на досегашниот проект до ревизија на целата документација.
„Кон крајот на 2005 и почетокот на 2006 година започнаа археолошките истражувања, што е потребна законска постапка кога треба да започне реализација на ваков тип проект. Во 2016 година беше изработен проектот, беа дадени одредени забелешки и таму застана постапката“, изјави Александар Јорданоски, директор на Националниот центар за конзервација.
Саат Кулата во Тетово е проект што е ветуван од многу градоначалници, вклучително и во првиот мандат на актуелниот градоначалник.
