Ние само бараме правда, ништо повеќе. Да се ослободи не само Алмир, туку сите тројца, бидејќи никој од нив не е виновен. Ова беа зборовите на мајката на осудениот во случајот „Алфа“, Алмир Дрпљанин, по јавното рочиште на Апелациониот суд, на кое беа сослушани жалбите.
Одлуката по оваа жалба му отвора пат на Кривичен суд да донесе одлука за повторно судење на случајот по новите докази за „Алфа“, односно вештачењето направено во Србија. Адвокатот на Дрпљанин, Асмир Алиспахиќ, одлуката на Апелација ја очекува за еден месец.
Алиспахиќ и пред судското тело на Апелација, рече дека тројцата осудени не се сторители на кривичното дело и дека треба да бидат ослободени од обвинение.
Во јуни минатата година, одбраната на осудениот Агим Ислами, до Кривичен достави форензичко вештачење изготвено во Србија, според кое, осудените Ислами и покојниот, Реџаиљ Ќерими, биле осудени по незаконски и наместени докази.
Во 2010 година, под обвинение за убиство на полицаец од Единицата „Алфа“ и повредување на други двајца, судот на доживотен затвор го осуди покојниот Реџаиљ Ќерими, Агим Ислами, додека Алмир Дрпљанин беше осуден во отсуство.
