Состојбата со Ковид 19 е стабилна и се смирува, оценуваат здравствените власти. Доколку продолжи овој тренд на низок број со позитивни случаи , крајот на епидемијата со корона вирусот во нашава земја може да се случи во август.
Но крајот на пандемијата може да се пролонгира со новите соеви на Ковид 19 кои се шират во цел свет, а во нашава земја беа регистрирани два случаи со индискиот сој. Лекарот Александар Петличковски вели дека стекнатиот имунитет од вакцинацијата или прележаниот вирус ковид 19 штити и од другите опасни соеви.
И доктор Драган Даниловски смета дека од другите соеви на корона вирусот можеме сами да се штитиме само ако се вакцинираме. Со имунизацијата се избегнуваат тешките симптоми на овие соеви, додаде тој.
Индискиот сој, познат како Делта, кој веќе е присутен во 92 земји, претставува нова опасност за светот. Неколку земји како Русија, Британија и Австралија воведоа нови епидемиолошки мерки. Лекарите сметаат дека Македонија нема да биде во состојба да го избегне индискиот сој, но може да го контролира основајќи се во искуствата на другите земји.
Ова беше кажано во текот на денешната трибина „Вакцинацијата и предизвиците против Ковид-19“ организирана од Министерството за здравото.
