Околу 35 тела беа пронајдени во воена болница во сирискиот главен град Дамаск, неколку дена по падот на режимот. Се верува дека ова се последните жртви на Асад. Еден човек покажува на нивната искината облека и им кажува на новинарите дека жртвите сигурно биле затвореници од озлогласениот затвор Сајднаја.
Телата се идентификуваат само со бројки во мртовечницата, осветлени со флуоресцентна светлина. Сепак, нема доволно простор, така што е поставен дополнителен импровизиран простор надвор од болницата каде што се собираат семејствата, користејќи ги светлата на нивните мобилни телефони за да ги погледнат лицата на починатите, барајќи карактеристики што би можеле да ги препознаат.
Меѓутоа, гледаат и страшни рани кои изгледаат како да се резултат на тортура.
Докторот Ахмед Абдула, вработен во мртовечницата, ги осудува оние кои ги оставиле овие траги, обвинувајќи го режимот на Асад.
„Ова е злосторство на режимот, метод на мачење луѓе. Ниту во средниот век тие не ги мачеле луѓето на таков начин.
Асад побегна во Русија во неделата по молскавичното напредување на сириските бунтовнички групи, а гневот на јавноста кон него е очигледен. „Го молам Алах да го запали него, него и неговите синови. Нека гори, како што ми го изгоре срцето“, извикува една жена која тврди дека режимот на Асад и го одзел синот единец пред 12 години.
