Едно место е празно во соблекувалната на ФК Шкупи. Многупати заедно прославувале победи, но денес е тивко и се слуша само шумот на свеќата пред дресот со бројот на Андреј Лазаров.
19-годишениот фудбалер, трагично го загуби животот во пожарот кој ја зафати дискотеката во Кочани. Веста ги парализираше и соиграчите, и навивачите, и целата фудбалска заедница.
„Да, нѝ кажа дека ќе оди за Кочани. Му рековме убаво да си поминеш. Ни кажа дека ја нема видено подолго фамилијата и ете, после тоа се случи тоа што се случи“, изјави Кристијан Блажевски, фудбалер на Шкупи.

Генералниот директор се присетува на првите моменти.
„Јас бев во Турција, првите вести ги видов на Твитер дека ваква трагедија се случила во Македонија, немаше информации тогаш за повредени или загинати играчи или други, потоа дознав дека 51 лица загинале, голема трагедија, подоцна дојде вест за Лазаров, се дозна дека бил во дискотеката, потоа рекоа дека е во болница и дека е добар, се разбира бевме тажни не само заради Лазаров туку за целиот народ на Македонија и до целото човештво изразуваме сочувство. Додека чекавме за Лазаров дека ќе добиеме убави вести, дојде вест дека почина. Во Турција веднаш барав лет и со првиот лет дојдов тука затоа што од душата ни отиде душа. Една минута не можев да седам таму. За нас тој беше посебен играч“, вели Ајкут Туран, генерален директор на Шкупи.

Андреј, млад фудбалер, надежен играч и уште поважен – пријател, брат, синоним за тимски дух, го загуби животот во трагедијата што ја потресе цела држава. Дискотеката во Кочани изгоре, а со неа згасна и животот на момче чии соништа штотуку почнаа да се реализираат.
„Лазаров беше борбен човек како на стадион така и надвор од него. Многу добар дечко“, рече Хамза Рамани.
„Со Андреј секој ден последните два три месеци одевме заедно на тренинг. Заедно јадевме, заедно кафе пиевме, заедно излегувавме. Еден убав однос имавме, пријателски, братски и ќе тој ќе остане дел од мене секогаш, ќе го паметам“, рече Блажевски.
Андреј се спасил, но се вратил во огнот за да спасува и други.

„Во карактерот, и на теренот со борбен дух, беше нешто што нас целосно не опишува. Многу го сакавме него. Сега помеѓу нас не е, но ние се уште не веруваме, затоа што на теренот неговиот борбен дух на Лазаров тој ден таму го запре човештвото. Тамошните луѓе за да ги спаси повторно влегол внатре и се борел и не од изгореници, туку од задушување починал. Тоа е голем карактер, тоа е големо нешто. Нека им е на сите лесна земјата“, изјави Туран.
На денешниот тренинг, играчите не тренираа. Седеа во тишина. Некои се молеа, некои го гледаа дресот, други само гледаа во празно. Никој не зборуваше гласно, но сите мислеа на истото – на Андреј.
„Нормално дека загубата на Лазаров ќе се осети во тимот како што реков Лазаров беше борбен играч и неговата загуба ќе боли не само за клубот туку и за целата лига и на сите кои што го познаваа. Тоа е животот, денес си, но утре можеби не. Мора да бидеме силни за преостанатите натпревари и целиот тим мора да игра за Лазаров.“, изјави Рамани.
A во спортот се учи да се победува и да се губи. Но ваква загуба не се учи – се носи во срцето и таму останува засекогаш.
„Договорот ќе продолжи. Се уште е наш играч“, изјави Туран.
