Судбината на Алијансата за Албанците се уште останува нејасна, дали ќе му припадне на Зијадин Села или на Арбен Таравари кој ги има партиските печати, но од страната на Села велат дека го имаат мнозинството од пратениците и од конгресот што на последните состаноци го разреши Таравари од партиски лидер. Основниот суд во Тетово донел одлука според статутот на партијата дека АА му припаѓа на Зијадин Села, но со тоа не се согласила страната на Таравари и се жалеле до Апелациониот суд. До денес нема никаков развој, но Арбен Таравари преку Фејсбук статус предизвика дебата на социјалните мрежи:
-Ако некој мисли дека партијата е приватна сопственост и наследство, греши…
Таравари не објасни дополнително зошто го напишал ова. Дали има нови случувања, го прашавме правниот застапник на крилото на Таравари, адвокатот Абидин Абдули. Тој вели дека досега не добиле никакво писмено известување.
Неколку збора упати и потпретседателката на на АА, крилото на Таравари, Бујаре Абази.
Ако зборуваме етички за тоа кому му припаѓа Алијанса за Албанците, би рекла дека АА им припаѓа на оние кои останаа на идејата за која првично беше формирана како таква партија и го туркаа идеалот до моментот кога ја испративме ДУИ во опозиција, изјави Бујаре Абази од АА.
За ова реагираше АА, крилото на Села:
Доцнењата во Апелациониот суд, предвремените изјави на Арбен Таравари дека сега „ситуацијата е сменета“ алудирајќи на нивното влегување во Владата и неговите трубења дека ќе ја смени првостепената одлука, ги засилуваат сомнежите за притисок врз Апелационен суд. Што се однесува до моралниот аспект што денеска го слушнавме од узурпаторите, Алијансата за Албанците не е на ВМРО, ниту на тие што ве предадоа на ВМРО.
За судбината на Алијансата за Албанците побаравме став и од Апелациониот суд. Таму се уште не е разговарано бидејќи членовите на Советот се на годишен одмор. Одлуката се очекува да биде донесена на почетокот на септември.
Засега нема одлука за жалбата на политичкиот субјект Алијанса за Албанците. Членовите на советот кои треба да одлучуваат за овој комплициран спор, го користат годишниот одмор. Заради почитување на роковите, расправата и одлуката за ова прашање ќе се донесе на почетокот на септември.
Инаку, до расколот во две групи на Алијансата за Албанците дојде откако лидерот на оваа партија Арбен Таравари преку статус на ФБ ја објави својата одлука да влезе во коалиција со ВРЕДИ, во тоа време ЛЕН, за заедничко учество на парламентарните избори. Од друга страна, крилото на Зијадин Села постојано инсистираше да одат сами на избори, но на крајот се приклучија на Европскиот фронт. Причината, според Села, е тоа што не можеле да ги запишат партиските кандидати за пратеници на изборните листи, бидејќи печатите на партијата биле во сопственост на Таравари.
