Во Гостивар недостигаа само 21 глас за изборите да бидат успешни во неделата и кандидатот на коалицијата НАИ, Валбон Лимани, да ја слави победата уште во првиот круг од локалните избори. Лимани изјави дека работат на утврдување дали имало законски прекршоци во некое избирачко место, со цел да поднесат жалба до Државната изборна комисија (ДИК) за повторување на гласањето.
-Според Државната изборна комисија, не е постигнат цензусот во општина Гостивар. Разликата е 21 глас – значи за 21 глас не е постигнат цензусот од 1/3. Нашиот тим ги разгледува сите записници од сите избирачки места и согласно законските рокови, до денес до 19 часот, таму каде што имаме правен основ, многу веројатно ќе поднесеме жалба за одредено избирачко место, вели Валбон Лимани – НАИ.
Ако ДИК не ги прифати жалбите, тогаш ќе треба да се распишат нови избори 60 дена по објавувањето на конечните резултати.
-Според нашиот тим, има некои недостатоци, некои законски празнини и сѐ зависи како ќе се толкуваат. Законот е јасен – кога не се постигнува цензус, треба да се одржат нови избори во рок од 60 дена по објавувањето на официјалните резултати. Што се однесува до повторувањето, верувам дека и ДИК ќе направи сѐ што може бидејќи станува збор за трошење буџетски средства, а со оглед дека имаме втор круг за две недели, ако има законска можност тоа би било порационално. Ако не, кога ќе донесат одлука – ние сме подготвени да се соочиме, вели Валбон Лимани – НАИ.
Во Гостивар, Валбон Лимани освои 16.949 гласови, а втор беше Себаедин Даути со 4.221 глас.
