Финансиската полиција „Guardia di Finanza“ во четвртокот објави дека открила луѓе кои продаваат маски за лице по цена од 5.000 евра.
Покрај тоа што ја ставиле цената многу висока, продавачите лажно тврделе дека нивните производи нудат „целосна заштита“ од коронавирус.
20 лица се обвинети за лажно огласување и запленети се стотици маски за лице, прочистувачи на воздух, па дури и хартиени штитници за тоалет, наведува полицијата.
Лажното огласување се казнува со затворска казна во траење до две години, објасни полицијата.
Откако се прогласи епидемија на коронавирус луѓето, во неколку делови на Италија, почнале масовно да купуваат маски за лице и антибактериски гелови за раце што предизвикало скок на цените.
На прес конференцијата во Рим, министерот за надворешни работи, Луиџи ди Мајо посочи дека владата размислува да донесе мерки за намалување на цените, но исто така истакна дека на повеќето луѓе не им требаат маски.
Светската здравствена организација (СЗО) вели дека маските треба да се носат само во случај на редовен контакт со заразени лица и оние кои кашлаат.
