„Добро утро министре, во Киев е пеколно. Се водат и улични битки. Ние сме на сигурно во скривница под амбасадата со обезбедување од Национална Гарда на Украина. Во скривницата моравме да преноќиме на столчиња бидејќи цела вечер се пукаше од сите оружје. Ракетиран е помалиот аеродром кој што е на 8 км од Амбасадата“, посочи Бујар Османи.
Ова е пораката која утрово ја доби шефот на дипломатијата Бујар Османи од амбасадорот на С.Македонија во Украина, Крум Ефремов. Но, Османи информира дека почнал и процесот на евакуација на дипломатите преку безбедносен коридор кон Полска. Евакуирани се и 30 набљудувачи на ОБСЕ и едно семејство.
„Некаде пред половина час, успеавме да ги извлечеме нашите дипломати преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија. Исто така денеска успеавме да ги евакуираме нашите монитори во рамки на специјалната мониторинг мисија. Знаете дека имавме 30 монитори таму. Дел од нив се упатени кон Молдавија, и дел од нив кон Полска. Едно семејство случајно е придружено со дел од мониторинг мисијата на ОБСЕ“, додаде Бујар Османи.
Сѐ уште не се знае колку државјани на РСМ чекаат на евакуација. Има македонски државјани во брак со граѓани на Украина за кои министерот Османи рече дека е понудена помош и сместување во Македонија.
Во однос на мерките кои земјава ги презема за заштита на границите од можни напади, Османи вели дека во моментов нема директна закана и додава дека имаме среќа што сме членка на НАТО.
„НАТО е должно да го заштити секој квадратен метар од својата територија. Нашата територија е територија и на НАТО. Меѓутоа, со подготовки имаме почнато уште одамна, откако ги добивме првите информации за можна ескалација во Украина и ги понудивме капацитети кои ги имаме за да се приклучиме во процесот на колективна одбрана на НАТО“, посочи Бујар Османи.
Инаку, за првпат се активирани Силите за брза реакција на НАТО како одговор против руската постојана инвазија врз Украина. Оваа мерка се активира за првпат во историјата на НАТО, како мултинационална сила составена од околу 40.000 копнен, воздушен и поморски персонал и лица за специјални операции кои Алијанса може да ги распореди согласно потребата.
