Мексиканските власти, по анонимна дојава, дојдоа до морничаво откритие во крематориум во пограничниот град Сиудад Хуарез: пронајдоа 383 тела и делумни остатоци од уште шест. Телата беа откриени минатиот четврток, објави АП.
„Овие луѓе се мртви најмалку три до четири години. Којзнае кој бил мотивот, бидејќи толку многу тела укажуваат дека крематориумот всушност не обезбедувал услуги“, рече главниот обвинител на Чивава, Сезар Жауреги.
Властите сè уште не знаат зошто толку многу тела биле складирани во крематориумот, кој соработувал со шест погребални домови во градот.
Сопственикот на крематориумот и еден вработен се уапсени, објави АП.
Канцеларијата на локалниот обвинител го припиша морничавото откритие на небрежност.
„Прелиминарно имаме 383 тела. Тие беа неправилно поставени во крематориумот и не беа кремирани“, изјави за АФП Елој Гарсија, портпарол на канцеларијата на главниот обвинител на Чивава.
Тој додаде дека телата биле натрупани во различни простории од зградата каде што работи приватниот крематориум.
„Тие едноставно биле фрлени на подот така“, додаде Гарсија, додавајќи дека наместо пепелта на починатите, на семејствата им бил даден „друг материјал“.
Гарсија вели дека сопствениците на крематориумот постапиле небрежно и неодговорно.
„Сите такви компании знаат каков е нивниот дневен капацитет за кремација. Не можете да примите повеќе отколку што можете да обработите“, рече Гарсија, според „Гардијан“.
