Во Македонија има епидемија на корупција – по Анѓушев, Амбасадорката на САД најавува нови имиња на „црната листа“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Одлуката поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев да биде ставен на црната листа на САД не беше донесена лесно, туку таа е заснована на американските закони. На овој начин американската амбасадорка Ангела Агелер одговори на прашањето за коментар за несогласувањето на Анѓушев со одлуката на американскиот Стејт департментот. Според Агелер, Анѓушев но и другите имаат право да се жалат.

„Има разни опции, но сметам дека најважно е што ние ги поставивме тие санкции. Анѓушев, но и другите имаат право да пријават незадоволство, но овие одлуки не се донесени толку лесно туку се засноваат на законите на САД“, рече Агелер.

Агелер најави дека и други имиња ќе бидат ставени на црната листа бидејќи, како што нагласи, во Македонија е проширена епидемијата од корупцијата.

„Сите ве уверувам дека ќе има и други имиња. Нема конкретна временска рамка кога ќе се објават, но како што нагласивме во земјава има епидемија на корупција и ќе продолжиме да адресираме уште имиња“, изјави Агелер.

На прашањето дали Анѓушев е последната „нон грата“ за оваа година, Агелер рече дека не може да ги предвиди одлуките на Вашингтон.

Инаку, Анѓушев уште еднаш повтори дека не се согласува со одлуката на САД, но сепак ќе ја почитува. Тој одлучи да се повлече од функцијата почесен конзул на Малта бидејќи, како што рече, не може да ја извршува оваа функција додека има сенки и сомнежи за него. На негово барање, Министерството за надворешни работи на Малта одлучи да му ја прекине функцијата, нагласувајќи дека од 2021 година никогаш не добиле негативни информации за Кочо Анѓушев.