Македонците плаќаат најскапа струја во регионот, потврди Евростат. Последните објавени податоци за минатата година покажуваат дека и пред поскапувањето на цената на струјата годинава, македонските домаќинства плаќале најскап киловат во регионот. Па така со просечна цена за лани од 5,8 денари за киловат-час, ние сме први во регионот после Албанија и Црна Гора кои имаат 5,7 и 5,5 денар. А далеку пред Косово каде цената е 4 денари за киловат, што е 30 % поевтина од кај нас.
Дури и граѓаните на Унгарија, која е членка на ЕУ, плаќаат пониска просечна цена од македонските домаќинства – 5,29 денари за киловат час.
ЦЕНИ НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ДОМАЌИНСТВА-ЕВРОСТАТ:
Држава Цена во €/kWh Цена во МКД/kWh
Македонија €0,0943 5,8 МКД
Албанија €0,0929 5,71 МКД
Косово €0,0650 4 МКД
Србија €0,0783 4,81 МКД
Црна Гора €0,0894 5,49 МКД
Босна и Херцеговина €0,0724 4,45 МКД
Унгарија €0,0861 5,29 МКД
Струјата за домаќинствата од јануари поскапе во просек за 0,92%. Но, она што ги „товари“ сметките е мрежарината. Таа за сите блокови е иста и изнесува 2,14 денари. Но некогаш дури и двојно ја покачува сметката за електрична енергија.
ЗГОЛЕМУВАЊЕ ПО БЛОКОВИ:
Прв блок: +0,68%
Втор блок: +0,9%
Трет блок: +1,93%
Четврт блок: +2,24%
Евтина тарифа: +0,9%
Ако со новата одлука за првиот блок цената на енергијата е 4,44 денари, вкупната цена која ја плаќаат граѓаните заедно со мрежарината е 6,58 денари за киловат час. Збирната цена за вториот блок е 7,71 денар, во третиот блок е 9,57. Во четвртиот блок е 20,4 денари, додека цената на евтината тарифа изнесува 4,12 денари.
Ако се земе предвид најефтината цена,само таа за првиот блок од 6,58 денари, излегува дека во моментов, плаќаме далеку најскап киловат во однос на регионот.Граѓаните веќе реагираа на зголемените сметки за јануари – некои добиле и по 8.500 денари за греење на стан од 40 м², на други од 7.000, сметките им пораснала на 16.000 денари. До ЕВН Хоме во јануари стигнале 1.385 барања за корекција на фактури, а во декември – 898 барања. Оние кои не успеале да добијат исправка, се обратиле и до Регулаторната комисија за енергетика. Но, сепак додека чекаат одговори – граѓаните ќе мора да ги платат сметките.
