Паркирани возила на зелените површини го узурпираа паркот кај Скопското кале.
Неколку метри подалеку полицијата ја надгледуваше состојбата, поради инаугурацијата на новиот реис во џамијата Мустафа Паша во Скопје. Во џамијата сите носеа маски, но беше тешко да се држи дистанца поради големот број присутни. Новиот реис, Шаќир Фетаху ја постави зелената лента која на арапски се вика „меншуре“. Со овој чин реисот добива легитимитет да ги извршува неговите должности во Исламската верска заедница. По ова, положи заклетва дека ќе работи за единството на муслиманите без оглед на етничката припадност.
-Ќе дадам придонес за зачувување на единството на муслиманите во земјата, внатре и вон неа, како и за зачувување на соживотот“, рече Фетаху.
И муфтиите од останатите етнички заедници во земјата одржаа говори, давајќи му поддршка на новиот реис. Не изостанаа ниту претставниците на политичките партии, ниту пак на Владата
-Беше задоволство што присуствуваа припадниците на исламот, иако е вонредна состојба поради болеста Ковид. Изразувам искрена благодарност до Исламските верски заедници на целата територија на Балканот и пошироко кои најдоа време да дојдат денеска“, рече Фетаху.
Присуствуваа и муфтиите од Албанија, Косово и Хрватска, кои на новиот реис му посакаа успешна работа.
-Успех за сите нас. Господ да нѐ чува од овој вирус кој го зафати целиот свет. Господ нека го запре и да излеземе со чист образ…“
-На муфтијата му пожелувам здравје, успех и посакувам оние кои се блиску до него да бидат искрени и да соработуваат.
-Честитки уште еднаш. Со увереност можам да кажам дека Владата на РСМ со овој човек може да чекори по патот кој РСМ тукушто го почна, а тоа е патот кон Европската унија“
Инаку, Шаќир Фетаху беше избран за реис со 18 гласа „за“ и 3 „против“, а пред ова 7 месеци беше в.д. поглавар на ИВЗ. Претходно, екс-поглаварот, Сулејман Реџепи, преку писмена изјава извести дека поднесува оставка од функцијата и дека е подготвен да одговара пред Господ и пред законот доколку некој смета дека направил грешки при неговата работа. Сулејман Реџепи беше исламски верски поглавар 30 години
