Во Пакистан контрола врз социјалните мрежи, за прекршителите затвор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Долниот дом на пакистанскиот парламент денеска гласаше за контроверзниот закон со кој на државата и дава сеопфатна контрола врз социјалните мрежи и предвидува затворање на корисниците на оние мрежи кои „шират дезинформации“.

Синдикатите на новинари и уредници на медиумите го критикуваа новиот „Закон за спречување на електронски криминал“, за кој велат дека е последица на напорите на Владата за дополнително сузбивање на слободата на опозицискиот говор.

Според новиот закон, ќе се формира „Управа за заштита и регулирање на социјалните медиуми“, овластена веднаш да блокира содржини на социјалните мрежи за кои смета дека се „нелегални и навредливи“, како што се критиките на судиите, вооружените сили, Парламентот и локалните власти.

Поединци и организации кои објавуваат таква содржина, исто така, може да бидат блокирани од пристап до социјалните мрежи.

Според новиот закон, социјалните мрежи мора да се регистрираат кај ова ново „тело за заштита и регулирање на социјалните медиуми“, а оние кои нема да го почитуваат ќе бидат забранети.

Законот го прогласува „ширењето дезинформации“ за кривично дело, казниво со три години затвор и парична казна од два милиони рупии (6.870 евра).

Пакистанските медиуми се под зголемена цензура во последните години, а социјалната мрежа Х беше забранета една година бидејќи опозицијата таму доби голема поддршка.