Во понеделник започнува вакцинацијата на деца – сè уште не се знае каков ќе биде почетокот на учебната година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сè уште останува под знак прашалник дали учениците наесен ќе се вратат во школските клупи за настава со физичко присуство. Министерката за образование, Мила Царовска вели дека се ќе зависи од епидемиолошката слика во земјава. Исто така истакна дека МОН е подготвено за онлајн настава и комбинирана, онлајн и со физичко присуство, во случај да се влоши епидемиолошката состојба.

Од понеделник започнува вакцинацијата на децата и младите на возраст од 12 до 16 години. Според податоците на МЗ до вчера напладне интерес за вакцинација изразиле вкупно 1623 деца и млади.

„Децата и младите на возраст од 12 до 16 години  кои изразиле интерес за вакцинација ќе добијат термин денеска, а процесот ќе почне во понеделник. Вакцинацијата ќе се одвива на постоечките вакцинални пунктови во градот каде што се пријавиле“, велат од МЗ.

Во моментов во земјава има околу 225 активни случаи со корона вирус. Од вчера на располагање  е и најсовремената терапија за лекување на овој вирус. Според здравствените власти, вакцинацијата се одвива нормално во сите пунктови низ земјава.

Велат дека има зголемен интерес и дека до сега се вакцинирале 440 299 граѓани а 259 894 се ревакцинирале.