Во пресрет на стоте дена Влада, разногласие кај политичките партии – опозицијата не се откажува од интерпелација, власта го дала максимумот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Полека но сигурно изминуваат стоте дена  Влада  на чело со  Зоран Заев. Познавачите на состојбите коментираат дека нестабилноста која ја донесе Ковид пандемијата, направи стоте дена влада на Заев да бидат  можеби и најтешките во политичката историја . Ова пак не ги премислува партиите од опозициониот блок, по изминување на првите сто дена, да бараат  интерпелација од Владата на Заев. Одговорност мора да има,дециден Скендер Реџепи кој ги застапува ставовите на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

„Ние бараме одговорност со тоа што Власта поради пандемијата и поради преговорите околу ЕУ, треба да даде оставка  и да се направи проширена влада“, вели Скендер Реџепи од Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Барањето за интерпелација вели  Реџепи веќе неколку дена циркулира во јавноста. Партиската коалиција на Алијанса и Алтернатива најмногу негодува околу преговорите со Бугарија. Велат дека власта сака да собира само позитивни поени но во овој случај се категорични, Заев и неговите соработници  ја доведоа државата до колапс.

„Тие не беа свесни дека треба да ги седнат сите политички лидери во државата и од позицијата и од опозицијата за да може да донесе заеднички став и начин како да го надминеме проблемот“, изјави Скендер Реџепи – Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Во изминатите сто дена владата беше повеќе фокусирана на пандемијата и интервентните мерки за санирање на штетите во најпогодените сектори велат од Беса . Дали власта се плаши од најавата за интерпелација?

„Не воопшто, ова е само уште еден инструмент кој опозицијата сака да го користи за да ги зборува истите работи дека ништо не е добро дека ниту справувањето со здравствената криза ниту справувањето со економските мерки. Дека се е лошо, со надеж дека ќе направат некоја политичка криза за да дојдат до предвремени“, изјави Кастриот Реџепи од Беса.

На иста линија и Арбен Зибери од ДУИ. Вели, владата во овој период  максимално работеше а  фокусот  беше  справувањето со Ковид пандемијата.

„Нормално опозиционите партии може да побараа и интерпелација зашто владата е стабилна ,Коалицијата е стабилна ,нема никакви проблеми внатре така не мислам дека можеме да дојдеме до такво нешто“, изјави Арбен Зибери од ДУИ.

Треба сите заедно да се залагаме да се дојде до заедничко решение по прашањето со Бугарија, но тие не можат да ја нарушат стабилноста што ја имаме како владина коалиција, вели Зибери.

Парламентарното мнозинство е стабилно потврдува и Јован Митревски од СДСМ . Според оваа партија ВМРО ДПМНЕ, преку се она што го прави во државата само ги спинува работите .

„Спинот на ВМРО ДПМНЕ е единствено за држење на сопственото членство во заблуда само и само Мицкоски да ја задржи својата фотелја. Прашањето на денот на гласање на евентуална интерпелација ќе биде обратно,  а опозицијата ќе треба да објасни која е причината за намалување на пратеничката поддршка на погубните политики на врхушката на ВМРО ДПМНЕ“, вели Јован Митревски од СДСМ.

Лично го прашавме и лидерот на ВМРО ДПМНЕ по завршување на денешниот протест кои ќе бидат следните чекори на партијата по навршувањето на стоте дена од власта на Заев. Не сакаше да каже, но потенцира дека стоте дена се уште течат а во среда неговата партија ќе каже се што има по ова прашање. Инаку на денот на изгласувањето на новата влада тогаш Заев од говорница вети подобар стандард и подобра перспектива за граѓаните најави и стабилен политички период но подоцна се соочи со турбуленции по прашањето за решавање со спорот со Бугарија околу отворање на европското поглавје на нашата земја.