Во рацете на МНР и надворешната трговија – бизнис заедницата очекува повеќе странски инвестиции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

МНР презема нови надлежности,  па така со новата реорганизација се предвидува да прерасне во Министерство за надворешни работи и за надворешна трговија. МНР во иднина се очекува да одговара за надворешно-трговското работење и подобрување на економските односи со странство. Во рацете на идниот шеф на дипломатијата ќе биде и надворешната трговска политика и тој ќе биде овластен да склучува трговски договори.

„1. Следењето на меѓународните стопански движења, како и нивното влијание врз економските односи во Републиката;

2. Надворешно-трговското работење;

3. Подобрување на економските односи со странство;

4. Предлагање и спроведување мерки од областа на економските односи со странство

5. Следење на меѓународните економски односи и мултилатералната, регионалната и билатералната соработка со други земји и организации и нивниот развој;

6. Креирање, спроведување, предлагање и подобрување на режимот на надворешната трговска политика, вклучувајќи мерки за заштита во надворешната трговија;

7. Усогласување на прописите на надворешно-трговската размена со прописите на Европската унија и Светската трговска организација и други мултилатерални институции и организации и нивно спроведување;

8. Склучување и следење на спроведувањето на меѓународните трговски договори и договори.“

Со предлог измените на Законот за реорганизација на органите на државната управа, овие надлежности веќе нема да се дел од Министерството за економија.

Вработените во Министерството за економија кои на 1 јуни 2024 година ги вршат работите што се однесуваат на следењето на меѓународните стопански движења, како и нивното влијание врз економските односи на Републиката и надворешното – трговско работење се преземаат во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Дел од бизнис заедницата очекува овие промени да доведат до поголем прилив на странски инвестиции. Според Никица Мојсоска Блажевски од организацијата „Македонија 2025“, на овој начин ќе се рационализираат ресурсите.

„Ситуацијата со нашите дипломатско-конзуларни претставништва, односно мрежата, не е така добра. Мислам дека ова ќе биде добар начин и да се оптимизира таа мрежа, меѓутоа да се додадат и надлежностите на економската дипломатија. Во однос на тоа дали ќе има ефекти, многу зависи од нашите институции тука. Секогаш треба да има поддршка во смисла на јасни политики за тоа како ќе привлекуваме инвестиции.“, порача Никица Мојсоска Блажевски.

Според неа, треба да се промени и моделот на привлекување странски инвестиции, особено што акцентот досега беше поставен на евтината работна сила во земјава. МНР, во однос на економската дипломатија, последниве четири години единтвено испраќаше економски советници во нашите дипломатски претставништва во странство, чија задача беше да привлечат инвестиции. Според Мојсоска Блажевски од нивната работа нема голем ефект.

„Можеби има некоја завршена работа, меѓутоа вака ништо не е видливо како ефект. Мислам дека тоа се сепак потрошени ресурси на државата, бидејќи мора да осмислите политики, а потоа да ги реализирате. Не може со кратки, ад-хок решенија, да се постигнат резултати. Тоа треба да биде обучен кадар“, вели Никица Мојсоска Блажевски.

Од Министерството за надворешни работи претходно истакнаа дека одлуката за испраќање на економските советници се покажала како исправна, позитивна и од корист за државата. Но, од Советот на амбасадори нагласија дека оваа активност, воопшто не е соодветна за привлекување на странски инвестиции.