Во Музејот на град Скопје денеска свечено беше откриена биста на Махатма Ганди, духовниот водач на индиската борба за независност и една од највлијателните личности во светската историја. Настанот се одржа во рамки на официјалната посета на претседателката на Индија, Драупади Мурму, на Северна Македонија.
На церемонијата присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, индиската претседателка Драупади Мурму и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Обраќајќи се пред присутните, Мурму истакна дека Ганди не е само симбол на Индија, туку личност чии идеи и пораки припаѓаат на целото човештво.
„Махатма Ганди ѝ припаѓаше на Индија, но неговата порака му припаѓа на целото човештво. Неговиот живот покажа дека вистината и ненасилството не се знаци на слабост, туку моќни инструменти за обезбедување правда, слобода и достоинство“, рече Мурму.
Таа нагласи дека во време исполнето со конфликти, нетолеранција и поделби, вредностите што ги промовирал Ганди – дијалогот, сочувството и мирниот соживот – остануваат актуелни и денес. Изрази надеж дека особено младите посетители на музејот ќе бидат инспирирани од неговото дело и ќе ги прифатат принципите на мир, емпатија и почитување на различностите.
Претседателката Сиљановска-Давкова порача дека промените што светот ги очекува започнуваат од секој поединец. Таа оцени дека едно од најголемите наследства на Ганди е идејата за ненасилно самоопределување и правото на народите сами да ја креираат својата иднина.
„Желбата за слобода е вековен идеал и на индискиот, но и на македонскиот народ“, истакна Сиљановска-Давкова.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски нагласи дека откривањето на бистата има посебна симболика бидејќи се случува во Скопје – родниот град на Света Мајка Тереза.
„Махатма Ганди и Мајка Тереза својата мисија ја остварувале на различни начини, но нивните животи ги поврзува една универзална порака – дека човечноста, љубовта, сочувството и несебичната грижа за другите се најголемата сила што човекот ја поседува“, рече Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека Скопје е град кој ја знае вредноста на солидарноста, имајќи ја предвид меѓународната помош што ја доби по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, и оцени дека поставувањето на споменикот на Ганди претставува траен симбол на вредностите што ги поврзуваат народите и дополнителен поттик за зајакнување на пријателските односи меѓу Северна Македонија и Индија.
