Во Солун слободни само осум ковид-кревети, во цела Грција исполнети 85 отсто од капацитетот на интензивна нега

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од 651 кревет наменет за пациенти со Ковид-19 на Одделенијата за интензивна нега во болниците во цела Грција, исполнети се 85 отсто, односно слободни се само 96 легла, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјата располага со вкупно 1.220 кревети на интензивна нега (651 за пациенти со коронавирус, 569 обични), од кои празни се само 18 отсто.

Особено критична е ситуацијата во Солун, каде што има само осум слободни кревети од вкупно 218 и токму затоа Министерството за здравство одлучи и нареди две приватни болници, принудно да ѝ бидат отстапени на државата.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во интервју за телевизијата ЕРТ рече дека, одлуката била донесена откако клиниките не одговориле позитивно на барањето доброволно да отстапат кревети и тоа обични, а не на интензивна нега.

-Кога сме во војна, целата земја ја гледаме како една здравствена периферија. Постои загриженост за мешање на ковид- пациенти со пациенти без ковид. Ова го обезбедивме и продолжуваме со нашиот план. Пациентите што не се со ковид од овие клиники ќе бидат префрлени или во некоја друга приватна клиника или во државни болници, објасни Пецас и додаде дека трошоците ќе бидат на товар на државата.

За да им помогнат на нивните колеги, над 20 медицински сестри од различни делови на Грција, волонтерски, заминаа за Солун, каде што секојдневно се регистрираат во просек над 620 нови случаи.

Болниците во цела Грција располагаат со вкупно 6.362 кревети за потврдени случаи на Ковид-19, а во овој момент, хоспитализирани се вкупно 4.079 пациенти.

Од почетокот на епидемијата, во земјата се регистрирани вкупно 1.347 смртни случаи и 85.261 заразени лица.