За Алтернатива, Изет Меџити и Биљал Касами во моментов се лидери на политичките субјекти што го сочинуваат ВЛЕН. Така изјави потпретседателот на Алтернатива, Афан Елези, во „Клик Плус“, според кого сè уште нема официјална одлука. Елези додаде дека е важно најпрво да се усогласат ставовите, а потоа нема да биде проблем кој и колку претседатели ќе има.
ТВ21: Дали Изет Меџити и Билал Касами се лидери на ВЛЕН?
Елези: Г-дин Меџити и г-дин Касами се лидери на политичките субјекти што го сочинуваат ВЛЕН, но сè уште нема официјална одлука од лидерите. Сега разговараме за начинот како ќе се обедини ВЛЕН. Но знаете дека тие се лидери на свои политички субјекти. Г-дин Меџити изјави дека се договориле тој и г-дин Касами да бидат лидери на ВЛЕН, но засега нема ништо конкретно.
Во среда ќе се одржи собранието на Алтернатива, каде околу 115 членови ќе дискутираат и ќе дадат предлози за процесот на обединување во ВЛЕН. Според Афан Елези, Алтернатива не го попречува овој процес, бидејќи оваа партија била меѓу првите иницијатори за обединување.
„Следниот чекор ќе биде во среда, кога претседателот на партијата го свикал собранието со цел да ги информира членовите и да добие предлози од нив. Знаете дека од целата држава околу 115 членови на собранието треба да учествуваат, и секој од нив ќе даде свои предлози и мислења како треба да се реализира обединувањето. Да ни биде јасно од самиот почеток дека ние го направивме првиот чекор за обединување на ВЛЕН и не го попречуваме неговиот пат. На крајот, можеби сме и автори или коавтори на неговото формирање“, рече Елези.
Елези изјави дека сè уште нема одлука дали Беким Сали ќе ја преземе функцијата генерален секретар на ВЛЕН, бидејќи, според него, процесот во рамки на ВЛЕН е демократски и нема наметнати одлуки. Според Елези, фокусот на Алтернатива не се позициите, туку начинот на функционирање и идното раководење на политичкиот субјект, и дека партијата нема да брза со донесување одлуки.
