Поминаа 10 дена откако Општина Тетово соопшти дека почнала со третирање на кучињата скитници во градот. Но, по десет дена од Здружението за заштита на животни велат дека досега се згрижени само 8 кучиња, од вкупно 82 колку било договорено со општината. Од Здружението „Амос“ велат дека кучињата засега се во карантин и дека ќе можеме да ги снимаме по еден месец.
„Во овој тендер е предвидено третирање на 82 кучиња бездомници во временски рок од 12 месеци. Досега се згрижени 8 кучиња кои се во фаза на карантин, кој трае од 14 до 30 дена. Кучињата засолнети кај нас, се надеваме да можете да ги снимите откако ќе се рехабилитираат и ќе бидат подготвени за дома. Сега е почетната фаза на проектот и додека не се одреди здравствената состојба и карактерот на заловените кучиња, не е пожелно да се изложуваат на поголем стрес. Во оваа фаза треба да се фокусираме на нивната благосостојба и да изградиме посветла иднина за нив, по една болна приказна на улица“, велат од здружението Амос.
Од Здружението обвинуваат дека во Тетово се носат кучиња и од други градови, па затоа повикуваат доколку граѓаните наидат на вакви случаи, веднаш да пријават во полиција. Тетовци пак, на став дека општината треба што повеќе да се занимава со овој проблем, бидејќи децата се најмногу изложени на ризик.
„Од цела Македонија се носат кучиња во Тетово. Не, не се третираат, за тоа треба општината да организира нешто и да ги собере сите кучиња. Одвоените средства не се доволни“.
-Дали некогаш Ве нападнало куче скитник?
„Имаше случаи, децата 2-3 пати ги нападнаа“.
„Точно е дека има многу кучиња по улиците, но со оваа работа треба да се занимаваат надлежните лица, бидејќи се работи за деца, да не ги напаѓаат. Тоа е сѐ“.
Општина Тетово за третирање на едно куче скитник предвиде сума од 300 евра. Иако тендерот сѐ уште не е објавен, дознаваме дека општината има предвидено околу 25 илјади евра за третман на кучињата скитници во 2022 година.